Бугарија протерува 70 руски дипломати

од Nikola Popovski
327 прегледи

Официјална Софија протерува 70 руски дипломати, соопшти денеска бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков, кој прецизираше дека тоа се случило благодарение на службите.

„Протеруваме 70 руски дипломати. Секој што работи за странски интереси ќе биде повикан да се врати во земјата од која дошол“, рече Петков, кој дошол во тамошниот Парламент на разговори со пратеничката група „Продолжуваме со промените“.

Петков им честиташе на службите за доброто вршење на работата во однос на дознавање на активностите на овие дипломати.

„Кога странските влади ќе се обидат да се мешаат во внатрешните работи на Бугарија, ние јасно ќе се спротивставиме на тоа“, додаде тој.

Петков одби да даде повеќе информации за активностите на руските дипломати, но појасни дека тоа се само вработени во амбасадата и дека не работеле во други институции.

„Повеќето од овие луѓе работеа директно за странски служби и нивната дипломатска улога беше прикриена. Во недела очекуваме полн авион со 70 дипломати да се врати во Москва“, додаде премиерот во оставка.

„Исто така, сакам да кажам дека ова во никој случај не е агресија врз рускиот народ, немаме ништо против него“, потенцирал Петков.

Амбасадорката на Русија во Бугарија Елеонора Митрофанова денеска била повикана во Министерството за надворешни работи, потврдија од Министерството.

Таму и била врачена нота за отповикување на 70 руски дипломати од руската мисија во Софија. Тие мора да ја напуштат Бугарија до 3 јули.

Слични содржини