Тројца руски дипломати се прогласени за непожелни поради активности спротивни на Виенската конвенција, велат од МНР

од Nikola Popovski

Министерството за надворешни работи излезе со став откако беше објавено дека протерани се тројца руски дипломати од земјава. Оттаму информираат дека на 12-ти септември, во МНР бил повикан амбасадорот на Руската Федерација кому му била врачена дипломатска нота, со која тројца дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје биле прогласени како непожелни во државата (persona non grata).

Во реакцијата се додава дека ваквата одлука е донесена по информациите добиени од надлежните органи за превземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.

Вчера дел од медиумите објавија дека три лица од Руската амбасада повеќе нема да бидат дел дипломатското претставништво во земјава.

„Северна Македонија без образложение прогласи за персона нон грата тројца дипломати од руската амбасада во Скопје“, пишуваа руските медиуми, додавајќи ја изјавата на Марија Захарова дека потегот нема да остане без одговор.

Ова се наведува во коментарот на официјалниот претставник на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесува ТАС С.

„На 12 септември властите на Северна Македонија прогласија за персона нон грата тројца дипломати од руската амбасада во Скопје без образложение. Неодговорниот и непријателски напад на властите во Северна Македонија нема да остане без одговор“, рекла Захарова, пренесува Н1.

Таа додала дека македонските власти „продолжуваат да се движат по патот на влошување на конфронтацијата и да ги доведат билатералните односи, кои и онака се во длабока криза, во ќорсокак“.

„Одлуката за протерување на нашите колеги ја сметаме за несоодветна желба на раководството на оваа земја уште еднаш да им покаже на западните чувари својата важност во борбата против имагинарната руска закана“, додала Захарова.

Слични содржини