Бугарија се обидува насилно да ги истера Сиријците по падот на Асад

од Vladimir Zorba
78 прегледи

По падот на владата на Асад во Сирија, Бугарија се обидува да ги принуди Сиријците да заминат, принудувајќи ги да потпишат документи за „доброволно враќање“ во нивната земја. Доколку Сиријците одбијат да го потпишат документот, се соочуваат со насилство, пишува Гардијан.

Здружението кое работи со бегалците на Балканот, No Name Kitchen (NNK), собра докази за зголеменo загрозување на безбедноста на Сиријците по падот на владата на Асад. Извештајот вклучува сведоштва, фотографии и документи кои потврдуваат дека Бугарија се обидува да протера Сиријци во нивната татковина.

Сведоштвата опишуваат како полицајци среде ноќ влегувале во простории каде живеат азиланти и ги носеле на „интервју“. Тие се обидуваат да ги натераат да признаат дека Сирија сега е безбедна, а потоа ги тераат да потпишат документ во кој велат дека сакаат доброволно да се вратат. Некои рекле дека за време на интервјуто немале преведувач, поради што не разбрале што се очекува од нив.

Според Меѓународната организација за миграција на ОН, нема тековни процедури за доброволно враќање на Сиријците од Бугарија. Затоа NNK е загрижена што бугарските власти, кои се одговорни за азил, ги депортираат без надзор.

Бугарската државна агенција за бегалци ги отфрли сите обвинувања за принудно враќање на барателите на азил.

Минатата недела некои европски земји, меѓу кои Италија, Велика Британија, Норвешка и Австрија, најавија дека ќе ја прекинат обработката на барањата за азил од Сиријците. Ваквите мерки почнуваат да стапуваат на сила, иако се уште не се знае што ја очекува Сирија и сирискиот народ.

Австрија започна програма за враќање на Сиријците во татковината и им нуди надомест од 1.000 евра доколку одлучат да се вратат.

Слични содржини