Северна Македонија доби „НЕ“ од Бугарија за почеток на преговорите за Европската Унија.
„Бугарија ја поддржува рамката за преговори за пристапување на Албанија во Европската Унија, но не и на С. Македонија. Предложениот проект не може да ги исполни бугарските барања“, изјавила на брифинг министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, пренесува БГНЕС.
Министерката Захариева посочила дека не е постигнат опиплив напредок во спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство, што двете земји го потпишале пред 3 години на 1 август 2017 година. Таа повторила дека бугарската влада е отворена за разговори и ги повикала македонските власти да се стремат да ги исполнуваат условите наместо да го трошат своето време во антибугарски кампањи.
Заев во „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека не знае каде Северна Македонија го прекршува Договорот за добрососедство како што велат бугарските власти.
„Не кажува ништо Бугарија и тоа е чудно. Да знаеме каде сме го прекршиле, ајде да го отвориме прашањето. Јас мислам дека нема прекршување на договорот, а Бугарија ако смета дека има, јас не знам каде е“, вели Заев.
„Горчината е иста како македонскиот народ. Боли, кине… Зарем бугарскиот народ, со кој имаме прифатено заедничка историја на Договор кој стана закон во државата? Наместо тој да ни помогне прв. Тоа кине, боли. Но, сепак, ги потиснуваме чувствата и верувам дека е ова грешка, и мора да се исправи“, рече Заев.
Одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ, македонскиот идентитет и македонскиот јазик не се предмет на преговори, велат од Владата
Позицијата на македонската влада е дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања, а преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија, соопштија од Владата по бугарското вето за преговарачката рамка на Македонија на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Од владата велат дека одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ, македонскиот идентитет и македонскиот јазик не се предмет на преговори, како и дека ќе продолжат да бараме решение за нашата незаменлива европска иднина.
„Задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи. Ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017. Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на европските стандарди“, велат од Владата.
Досега не се создадоа соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и заради тоа, велат од Владата, Република Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ, но тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи.
„Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Отсекогаш сме биле Македонци кои зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување околу кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено сме особено горди и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците“, велат од Владата.
Од Владата се заблагодаруваат на зајакнатиот ангажман на германското претседателство со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката Меркел и додаваат дека ќе продолжат интензивно да разговараме во интерес на нашата европска иднина при што сметаат дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници, затоа бараме „вин-вин“ позиција.