Бугарија увезува струја од Македонија, Денков „на тапет“ пред пратениците

од Nikola Popovski
246 прегледи

Увозот на струја не е затоа што Бугарија нема капацитет, туку затоа што струјата што ја произведува е поскапа во одредени денови и часови, кога „другите можат да произведуваат од соодветните извори, а потоа струјата се увезува на пазарот бидејќи е поевтина“, вака изјавил бугарскиот премиер Николај Денков, одговарајќи на пратеничко прашање во тамошното Народно собрание.

Тој бил запрашан од пратеникот Драгомир Стојнев од „БСП за Бугарија“ зошто на почетокот на јануари годинава Софија увезува од Република Северна Македонија и Турција.

Денков прецизирал дека постои технолошки натпревар како да се произведе поевтина струја и да се создаде овој енергетски микс кој ќе им овозможи на регионите, земјите да произведуваат најевтина струја, конкурентна на пазарот.

-Бугарија е дел од регионалниот пазар и мора на најбрз и најефикасен начин технолошки да ги обнови своите капацитети за да биде конкурентна со соседите, нагласил тамошниот премиер.

Затоа, според него, многу е важно Бугарија да продолжи да ја гради својата мешавина на обновливи извори со забрзано темпо, вклучително и хидроенергија и нуклеарна енергија.

-Минатата година Бугарија беше нето-извозник на струја, сигурен сум дека така ќе биде и понатаму, посочил Денков, објавија бугарските медиуми.

Слични содржини