Бугарија во август или формира влада или распишува трети парламентарни избори

од Nikola Popovski
273 прегледи

Во Бугарија, во средината на август, треба да биде јасно дали ќе се формира влада или ќе се одржат повторни, трети парламентарни избори, објави бугарската телевизија „бТВ“.

Се очекува на почетокот на следната недела, претседателот на Бугарија, Румен Радев, да го довери мандатот за формирање влада на првата парламентарна сила, партијата „Има таков народ“.

Партијата веќе објави дека не планира да коалицира со никого, така што преговорите со другите партии ќе имаат за цел да ги убедат нивните пратеници да ја поддржат владата предводена од партијата.

Во случај да не успеат да формираат влада, мандатот ќе и биде доверен на втората по големина партија – ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Сепак, ГЕРБ веќе се откажа од можноста за формирање влада. Следниот чекор на претседателот на Бугарија ќе биде предавањето на мандатот на трета партија по негов избор. Бугарската социјалистичка партија (БСП), која се најде на третото место според изборите според гласовите, веќе го увери претседателот дека ќе се обиде да формира влада во случај да добие мандат.

Во случај да не успее и третиот обид, претседателот на Бугарија ќе мора, во согласност со Уставот, да го распушти парламентот и да распише повторни парламентарни избори и да назначи привремена влада.

Да потсетиме, на 11 јули во Бугарија се одржаа повторени парламентарни избори, на кои победи новата партија „Има таков народ“ на тв водителот Слави Трифонов. Поранешната владејачка партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов се најде на второто место по бројот на гласови, а Бугарската социјалистичка партија на третото место.

Слични содржини