Бугарска компанија преку контроверзната фондација „Македонија“ сака да вложи 800.000 евра во Вардар, „Комитите“ одбија

од Nikola Popovski
399 прегледи

Навивачката група Комити, која во моментов е мнозински сопственик на ФК Вардар, вчера објави дека контроверзната бугарска фондација „Македонија“ сака да посредува во купувањето на клубот од страна на засега неименувана бугарска компанија. „Комитите“ тврдат дека ситуацијата е крајно алармантна.

До клубот пристигна финансиска понуда од страна на Бугарската Фондација “Македонија”, која што сака да го купи нашиот Вардар, а со тоа и да го смени целиот идеолошки наратив, врз кој 76 години, континуирано се развивал клубот. Нашиот став е дека воопшто не постои простор за дискусија со луѓе кои што не го признаваат македонскиот идентитет, па затоа одговорот ќе го објавиме вака јавно, нека биде тоа одговор на македонскиот народ, кон нечесната и крајно тенденциозна понуда: ВАРДАР НЕ Е НА ПРОДАЖБА, велат навивачите.

Порачаа дека на ваквите напади ќе продолжат да одолеваат, само доколку секој од ја разбере важноста на купување на членската карта.

„Комитите“ побараа од фановите да бидат на стадион кога ќе грмне „Море сокол пие“ и дека тоа ќе биде нивниот одговор.

Според она што го понудил контроверзниот Виктор Стојанов од бугарската фондација, компанија за изградба на спортски објекти кај нашиот источен сака да вложи 300.000 евра за оваа сезона и 500.000 евра за наредната во нашиот најтрофеен фудбалски клуб.

Во меѓувреме јавно се огласи и токму Стојанов, кој објави дека пред извесно време клубот објавил соопштение дека ни ги расипува договорите и како што истакнува, претставува клевета кон него и фондацијата „Македонија“.

Мислам дека нема сериозна фирма или бизнисмен кој би сакал да го земе Вардар ако раководството на клубот се однесува на ваков несоодветен начин. Сакавме да го спасиме Вардар, но очигледно тимот ќе ја преживее оваа и наредните сезони. Жал ми е за раководството на тимот за начинот на кој се обидуваат да се рекламираат, однесувајќи се неправилно, напишале од фондацијата „Македонија“.

Фондацијата не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од објавените заеднички фотографии со бугарски функционери.

Пред две недели беше изгласана иницијативата во градот Скопје за обезбедување институционална поддршка за ФК „Вардар”, со 34 гласа „за” и 1 „против” на 32-та седница на Советот.

Со колку пари градот ќе му помогне на Вардар треба да одлучи градоначалничката Данела Арсовска.

Ова е втора иницијатива на градот за помош на Вардар, откако пред повеќе од осум месеци беше изгласано да се помогне со 250.000 евра, но тогаш одлуката не помина во Министерството за финансии.

Слични содржини