Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија (АПИ) сноси делумна вина за трагичната автобуска несреќа на автопатот Струма во која пред четири години загинаа 45 македонски државјани. Ова се наведува во решението на Окружниот суд Перник, објавено на веб-страницата на институцијата.
Според судот, АПИ е одговорна за 10% од настанатата штета и треба да му се наложи на секој од тужителите да им исплати по 20.000 лева (над 630000 денари) како надомест за нематеријална штета. Исто така, се признаваат околностите дека за предметната делница не е донесен акт 16 за автопат и затоа има статус на експресен пат, бидејќи делницата беше пуштена за сообраќај во 2007 година. во фаза на акт 15, се вели во судската исправа.
Во судската одлука се наведува и дека возачот го возел автобусот со 106 километри на час, што е максималната брзина на делницата од 120 километри. При проектирањето на експресниот пат не биле испочитувани геометриските карактеристики, се наведува во одлуката.
„Проектираниот попречен наклон на кривината одговара на брзина од 90 километри на час, но нема поставено патна ознака Б26/90 километри на потребните места за ограничување на брзината“, додаваат од Судот.
Случајот беше отворен откако автобус на „Беса Транс“ удри во оградата на автопатот „Струма“ кај село бугарското село Боснек во раните утрински часови на 23 ноември 2021 година. Веднаш по ударот автобусот се запали, при што загинаа 45 луѓе, а се спасија седум од патниците.
На 20 јануари 2022, Окружниот суд во Перник покрена граѓанска постапка за обезбедување докази во врска со инцидентот. Во август 2022, роднините на починатите поднесоа барање за обештетување од 750 илјади евра против АПИ и Бугарската асоцијација на осигурителни возила. Тезата на адвокатот на роднините на жртвите е дека во моментот на несреќата имало голем број технички неисправности на коловозот, погрешни ознаки и знаци, неквалитетни заштитни огради и асфалт, што влијаело на несреќата.
Во земјава, Апелациониот суд Скопје ја укина првостепената пресуда за сопственикот на превозникот „Беса Транс“, чиј што автобус изгоре во Бугарија и предметот е вратен на повторно судење. Беким Хаџиу беше неправосилно осуден на една година и осум месеци казна затвор за кривичното дело Фалсификување на исправа.
Автобусот на „Беса Транс“ на 18 ноември 2021 година последен пат со фалсификувана лиценца ја напушта државата преку граничниот премин Деве Баир и превезува патници кон Истанбул. На враќање на трагедијата на автопатот „Струма“ во Бугарија се случи на 23 ноември а во неа животот го загубија 45 патници.
Истрагата покажа дека со фалсификувани лиценци 135 пати автобусите на „Беса Транс“ ја напуштиле државата. Надлежните си ја префрлаа вината и одговорноста и на крајот таа падна врз двајца цариници кои ги пропуштале автобусите. За 45 жртви едниот цариник беше суспендиран, а на другиот му беше намалена платата.