Бугарската амбасада во Скопје испратила нота до македонското министерство за надворешни работи, во која изразува длабоко жалење за како што велат, вандализмот по заедничката прослава на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Во соопштението на бугарското МНР се вели дека по церемонијата во црквата Свети Спас биле скинати тробојните ленти од венците кои бугарската делегација ги положила на гробот на револуционерот.
Во нотата се наведува дека овој чин не придонесува за духот на добрососедството и напорите на двете страни за интензивирање на билатералниот дијалог.
Бугарската страна инсистира надлежните органи во Македонија да ги идентификуваат и казнат сторителите.
Вечерва стигна и реакција од македонското МНР, во која најостро се осудува ваквиот чин за време на прославата на годишнината од раѓањето на Делчев.