Бугарската фондација „Македонија“ купи фудбалски клуб од земјава кој во иднина треба да се вика „Јунак“. Ова го открил контроверзниот претседател на фондацијата, Виктор Стојанов во интервју за бугарските медиуми.
Тој не сакал да каже за кој станува збор, туку само дека е од Третата лига исток, а потекнуваат од место блиску до бугарската граница.
Причината е лиценцирањето, не сакам да смислат нешто и да го избркаат од Третата лига и нашите напори да бидат залудни. Не дека и после тоа не можат, но ќе биде многу тешко и скандалозно, рекол Стојанов.
Како што информира, клубот ќе биде финансиран со донациите на активистите на фондацијата „Македонија“, а наскоро ќе разговараат со разни спонзори од Бугарија, бидејќи, како што вели Стојанов, ова е прва бугарска екипа во земјава по 80 години.
Стојанов очекува и македонските граѓани да застанат позади клубот и да му дадат поддршка на клубот.
Допрва ќе разговараме со ФФМ и ќе ја бараме нивната поддршка, бидејќи ќе ја бараме и поддршката од Бугарите во РСМ и заедно да ги посетиме натпреварите на тимот. Нешто многу важно – стадионот е на тимот, така што нема да има проблеми со него, одговара на Втората македонска лига. Има соблекувални, терени за тренинзи, се што е потребно, изјавил претседателот на фондацијата.
Фондацијата не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од објавените заеднички фотографии со директорката на Бугарската агенција за дијаспора, како и со други бугарски функционери.