Пратениците на бугарската опозициска партија „Преродба“ и „Социјалистичката партија“ се против одржувањето на вонреден состанок на парламентарната комисија за енергетика на која ќе се разговара за продажба на реактори од руско производство од нуклеарната централа Белене на Украина.
„Продавате руски реактори на Украина. Дали ги исмевате овие луѓе. Сакате украинскиот претседател да дојде денес овде и да видите колку грубо се однесува бугарскиот парламент и бугарската држава кон напатениот народ на Украина, а потоа очекувате руски инженери да одат таму. Инсталирајте ги и стартувајте ги. Вразумете се луѓе“, изјави пратеникот од социјалистите Георги Свиленски, пренесува ТАСС.
„Која е итноста за свикување на овој комитет, со оглед на тоа што нацрт-договорот беше претставен вчера. Засега нема мислење за него. Потсетувам дека Бугарија нема енергетска стратегија од 2020 година“, изјави претставничката на „Преродба“, Искра Михаилова.
Претходно, претставниците на владејачката коалиција предложија да и се продаде на Украина руска опрема од недовршената нуклеарна централа Белене: два реактори, четири генератори на пареа и четири циркулациони пумпи.
Оваа опрема не можеше да се користи за завршување на градежниот проект НЕ Белене, бидејќи Бугарија не дозволува пристап до руски специјалисти поради санкциите од Западот.
Бугарското владејачко мнозинство има намера добиените средства да ги искористи за финансирање на американската Вестингхаус за изградба на нови реактори на оперативната нуклеарна централа Козлодуј.
Бугарските медиуми во вторникот објавија дека украинскиот претседател Владимир Зеленски планира утре да ја посети Софија, што бугарските власти ниту потврдија, ниту демантираа, потсетува руската агенција.