Бугарската партија „Преродба“ на Костадинов лобирала во Бундестагот да не биде изгласана резолуцијата за Македонија

од Nikola Popovski
518 прегледи

Лидерот на бугарската политичка партија Преродба, Костадин Костадинов денеска од говорницата на Бугарското собрание порачал дека во германскиот Бундестаг минатата недела била изгласана антибугарска декларација.

Тој посочил дека „би било соодветно секоја од бугарските политички сили да има однос кога вакво нешто се коментира на највисоко законодавно ниво, бидејќи тоа директно влијае на бугарската држава, на бугарските надворешнополитички интереси и пред се на проблемот со нашите односи со Република Северна Македонија (РСМ) и нејзината политика кон тамошните Бугари“.

Костадинов исто така истакнал дека од неговата партија „отишле да бараат партнери и сојузници во Бундестагот за да не биде прифатена резолуцијата“.

-Во разговорите со Алтернатива за Германија успеавме да ја убедиме оваа политичка сила да го поддржи бугарскиот национален интерес, вели тој.

-Големото прашање е зошто партиите кои овде во парламентот имаат партнери во Бундестагот во линијата на европската соработка и во линијата на Европскиот парламент, не го направија истото, бидејќи јас сум убеден дека знаеле за оваа декларација. Зошто е тоа така, зошто нашата земја не го штити, а има можност да го заштити бугарскиот национален интерес и практично абдицира, рекол тој.

Костадинов истакнал дека пред две и пол недели во Бундестагот имало посета на „огромна парламентарна делегација од Македонија, која лобирала токму за оваа декларација“.

-Во моментов се зборува дека Бугарија треба да се повлече дури и од т.н француски предлог, кој за нас беше крајно понижување, изјавил лидерот на Преродба. Според него, ако и ова се дозволи, тоа ќе биде „уште поголемо национално предавство, најголемо во последните 33 години“.

Германскиот парламент на 15 јуни донесе резолуција за поддршка на европскиот пат на Македонија, со која недвосмислено ја призна и потврди македонската култура, идентитет и јазик. Во документот се препорачува германската влада да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од поставување дополнителни услови. Нашата земја е повикана да ја спроведе договорената промена на својот устав и во неа да го вклучи бугарското малцинство.

Костадинов во повеќе наврати испраќаше навреди и провокациите кон нашата држава, велејќи дека „Македонија е бугарска“.

Слични содржини