Бугарската Влада одобри хуманитарна помош за Македонија поради трагедијата во Кочани

Бугарската Влада одобри Одлука за обезбедување бесплатна хуманитарна помош на Македонија во вкупен износ од 1.490.765 лева (над 46 милиони и 800 илјади денари) во врска со трагичниот инцидент во кочанската дискотека „Пулс“

од Nikola Popovski
51 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на бугарскиот Министерски Совет

Бугарскиот Совет на министри одобрил Одлука за обезбедување бесплатна хуманитарна помош на Македонија во вкупен износ од 1.490.765 лева (над 46 милиони и 800 илјади денари) во врска со трагичниот инцидент во кочанската дискотека „Пулс“, што се случи ноќта помеѓу 15 и 16 март 2025 година. Ова го соопштиле од тамошната владина прес-служба.

Помошта вклучува аеромедицинска евакуација на осум лица со воен авион – „Спартан“ во вкупна вредност до 70.000 лева, медицинска евакуација на шест лица со специјализиран медицински транспорт со брза помош во вкупна вредност од 9.300 лева, како и лекување на 15 пациенти во медицински установи за болничко лекување во Бугарија во вкупна вредност од 1.352.000 лева. Сместувањето на членовите на семејствата на жртвите е вклучено во вкупна вредност од 59.465 лева.

Според бугарските медиуми, Советот на министри, исто така, донел Уредба со која се одобруваат дополнителни трошоци во рамките на буџетот на Министерството за здравство на Бугарија за 2025 година во износ од 1.431.300 лева за аеромедицинска евакуација, медицинска евакуација со специјализиран медицински транспорт со возило за копнен медицински транспорт и лекување на жртвите од трагичниот инцидент и дополнителни трошоци во рамките на буџетот на Министерството за надворешни работи за 2025 година во износ од 59.465 лева за покривање на трошоците за сместување на членовите на семејствата на жртвите од трагичниот инцидент во Кочани, кои ги придружуваа за време на нивното лекување во Бугарија.

По трагедијата во Кочани, неколкумина од повредените беа транспортирани во Бугарија со амбулантни возила и воениот транспортен авион „Спартан“ и примени во неколку тамошни болници.

Слични содржини