Бугарски „24 часа“ објави дека членови на семејството Лефкови се бугарски државјани, пратеникот вели дека е лага и обвини за хибридна офанзива

од Nikola Popovski
346 прегледи

Бугарскиот медиум „24 часа“ вчера објави текст во кој што пишува дека речиси сите поблиски роднини на пратеникот Миле Лефков се бугарски државјани. Медиумот тврди и дека братот на пратеникот поминал низ постапката за добивање на бугарски пасош.

-Околу 20-тина од семејството Лефкови од Кочани, сите први и втори братучеди, како и неговиот брат Иван, се бугарски државјани кои поминале низ постапка во која декларирале дека имаат дедо Бугарин и дека и самите се чувствуваат како Бугари. Во исто време, партијата на Миле Лефков се противи сите луѓе во Република Северна Македонија кои се изјаснуваат како Бугари, да бидат внесени во Уставот, пишува меѓу другото „24 часа“.

По ваквите пишувања, се огласи и самиот пратеник. Обвини дека во „полн ек се случува хибридна офанзива“ и го впери прстот во СДСМ.

„Објави насочени против мене и мојата фамилија – објава на „24 часа бг“. За минута преземена на страници кај нас-лаги, вести, дискредитации, стартуваат по нарачка, од ботови, скришни или бугарски страници, а потоа молневито се шират! Координирана и скапа акција! СДСМ сега да си го објасни соопштението полно со навреди, повикувајќи се на „жолти комбиња“ и параноја – додека реално, Македонија и македонските политичари кои ги штитат националните интереси се цел на синхронизиран напад. Ова не е параноја, туку организирана операција против секој што се бори за македонските интереси- СДС да одбере страна“, стои во објавата на Лефков.

По објавите на дел од бугарските медиуми дека и премиерот Христијан Мицкоски пред 17 години аплицирал за бугарско државјанство, Лефков пред неколку дена посочи дека постои „координирана операција за дискредитација“ насочена против Владата, премиерот и Македонија, наводно оркестрирана од бугарски служби и медиуми, со поддршка од опозициската СДСМ. Лефков тврди дека операцијата се води преку мрежа од бугарски портали и т.н. „mushroom“ веб-страници кои ширеле дезинформации и лаги со цел да ја дестабилизираат македонската Влада.

На овие обвинувања остро реагираше СДСМ, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за „параноја“ и „измислени теории на заговор“, со кои, според нив, се обидува да го дефокусира вниманието од скандалите и политичките неуспеси.

„Жолтите комбиња од времето на Груевски се вратија! Секој пат кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочи со дебакл или скандал, измислува непостоечки заговори“, стоеше во писмениот одговор од СДСМ.

Слични содржини