Бугарски аналитичар за „Локално“: Радев е „секогаш за ЕУ, но никогаш против Русија“

од Nikola Popovski
410 прегледи

Бугарија ќе го повика на консултации својот амбасадор во Москва, Атанас Кристин поради изјавите на руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова.

Во интервју за ТВ “Русија 24“, Митрофанова изјави дека народот на Бугарија „не ја поддржува реториката или чекорите на нивната влада“ во врска со руската „воена операција“ во Украина и дека „мнозинството“ Бугари ги поддржуваат акциите на Русија.

Премиерот на бугарската Влада Кирил Петков изјави дека е неприфатливо амбасадор на една земја да зборува „во име на бугарскиот народ против бугарската влада“ и дека реакцијата на Митрофанова е „недипломатска, остра и груба“.

Во разговор за „Локално“, бугарскиот политички аналитичар и професор, Антони Тодоров смета дека ваквата изјава на амбасадорката е политичка.

-Јавното мислење во Бугарија не е обединето, но тоа не е новост. Во Бугарија има луѓе кои ја поддржуваат војната на претседателот Путин, но има огромно мнозинство што се противи. Маршот против војната во нашиот главен град тоа добро го покажува, вели Тодоров.

Според него, во моментов нема закана по Бугарија за „украинско сценарио“, најмногу затоа што земјата е членка на НАТО.

За разрешувањето на министерот за одбрана Стефан Јанев поради проруските изјави, како и апсењето на генералот Валентин Цанков, Тодоров укажува дека Јанев бил добар премиер во преодните влади и многу воздржан во јавното говорење.

-Неговото разрешување беше, според мене, избрзано и претерано. Но, војната го радикализираше говорот, а умерените зборови не изгледаат соодветни. Во Бугарија постои традиционална русофилија која е ставена на тест од војната. Многумина продолжуваат да се сметаат себеси за русофили, но сега силно ја осудуваат руската агресија, што е навистина ново. Но, апсењето на генералот Цанков веројатно нема да заврши со докази за шпионажа, тоа повеќе личи на рекламна кампања за обвинителството, смета политичкиот аналитичар.

Во однос на ставот на бугарскиот претседател Румен Радев, Тодоров вели дека претседателот веројатно ја споделува неодамнешната изјава на поранешниот премиер Симеон Саксобурготски: „Секогаш со ЕУ, никогаш против Русија“. Румен Радев не е  „проруски“ претседател, тој ја осуди руската агресија, иако беше претпазлив околу испраќањето оружје во Украина. Како поранешен воен човек, се чини дека се воздржува и од радикални говори, потенцира аналитичарот.

Околу „раскинувањето“ на Бугарија со рускиот гас, вицепремиерот Асен Василев всушност рекол дека е незамисливо да се преговара со Газпром за време на војната.

-Бугарија е многу зависна од увозот на гас од Русија и тоа не може брзо да се промени без многу сериозни последици за бугарската економија и населението во целина. Не е можно итно решение, но веројатно во следните 6-7 месеци ќе бидат преземени некои позначајни чекори за енергетска независност од Русија (интерконекторот за гас со Грција, преговори за дополнителни испораки од Азербејџан, течен гас од САД, Алжир… ). Но, стратешки, патот е до помала потрошувачка на фосилни горива и повеќе обновлива енергија, појаснува Тодоров.

Во текот на вчерашниот ден, бугарскиот премиер Кирил Петков повторно зборуваше за дипломатските односи со Русија. Според него, Бугарија досега протерала 10 нивни дипломати за кои имале многу сериозни информации дека работеле како шпиони.

-Во исто време ги слушнавме агресивните зборови на нивната амбасадорка, за кои претпоставувам дека се поради фрустрација дека не се помирува со фактот дека Бугарија зазема многу сериозна позиција за поддршка на Украина. Се надеваме дека по дипломатски пат ќе биде јасно дека г-ѓа Митрофанова треба да оди на консултации во родната земја, објасни Петков.

Н.П.

Слични содржини