Најденов за „Локално“: Внесувањето на Бугарите во Уставот не е доволно за кревање на ветото

од Nikola Popovski
448 прегледи

Лидерот на бугарската партија Има таков народ, шоуменот Слави Трифонов соопшти дека ја напушта владата на премиерот Кирил Петков поради две причини – „Република Северна Македонија и тоа што нема пари во државата“. Според него, Петков води поинаква надворешна политика од онаа на бугарското министерство за надворешни работи и различна од Народното собрание.

„Премиерот си има друг министер за надворешни работи, не министерката Теодора Генчовска, туку друг, која се вика Весела Чернева. Петков им ветил на различни лидери од Европа и светот дека ќе го подигне ветото за Северна Македонија, и покрај тоа што огромен дел од бугарските граѓани сакаат Северна Македонија да започне преговори дури откако ќе го исполни договорот меѓу двете држави потпишан во 2017 година. На тој начин Петков грубо, без пардон и еднострано го нарушува потпишаниот коалициски договор. Тоа се нарекува национално предавство“, рече Трифонов во средата.

Николај Најденов

Во обид да дознаеме што понатаму на турбулентната политичка сцена во Бугарија и каков ќе биде натамошниот однос во спорот со Македонија, „Локално“ разговараше со професорот и политички аналитичар од Софија, Николај Најденов. Според него, партијата на Слави Трифонов отсекогаш била темпирана бомба во владината коалиција.

Најденов не верува дека долго ќе издржи малцинската влада на Петков.

-Не сметам дека ќе функционира подолго време. Колку точно ќе раководи со државата, зависи и од текот на настаните и развојот на војната во Украина, појаснува професорот.

Тој наведува дека ваквиот развој на настаните на бугарската политичка сцена не значи ништо ново во однос на спорот и дијалогот за решение со Македонија.

-Како прво, Има таков народ може да има исто влијание по ова прашање како и опозициска партија, а како второ, истите геополитички сили ги одржуваат проблемите во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија и ги блокираат преговорите на Северна Македонија за пристапување во ЕУ, дециден е Најденов.

Професорот смета дека Петков никогаш нема да си дозволи таков луксуз и да го крене ветото за Македонија, а да не го праша бугарското собрание.

-Никогаш нема да се случи тоа, ниту сега, ниту во иднина, рече Најденов.

Според него, внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е важен чекор во изнаоѓање решение меѓу двете земји.

-Тоа е напредок во односот, но не сум сигурен дали ќе биде доволно за целосно укинување на ветото и почеток на преговорите на С. Македонија со Европската Унија, оценува професор Најденов.

Како што објави вчера „Bulgaria ON AIR“, министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, која е дел од партијата Има таков народ, ја потврдила својата оставка од функцијата шефица на дипломатијата. Како причина, таа истакна дека постоеле наводни средби на премиерот Петков со европски дипломати на кои се зборувало за тоа на кој начин да се заобиколи ветото за С. Македонија. Таа нагласи дека од секоја средба има стенограми, со различен степен на доверливост и додае дека таа лично не присустувала на сите средби кои Петков ги имал со европски дипломати.

-Не сум присустувала на сите разговори на Петков со дипломати, но во нашите разговори со претставници на ЕУ институциите не информираа дека има други сигнали, рече Генчовска.

Нагласи дека тие записи се од неодамна, се со назнака доверливо, а на прашањето дали се чувствува притисок врз Софија да го крене ветото, таа одговори дека притисокот бил поголем во јануари и февруари, но оти тие од првиот ден ја кажале нивната позиција и нивните европски партнери имале разбирање за нив.

Н.П.

Слични содржини