Речиси една недела по отфрлањето на иницијативата за референдум за укинување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, се уште не е јасно што е во согласност со Уставот. Едните се повикуваат на него, другите на законот, третите на Деловникот. Некои отстрануваат одредени членови од законот, други поинаку ги толкуваат. Секој изнесува аргументи во прилог на својата теза. Одлуката на претседателот на Собранието Талат Џафери да ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум за поништување на Договорот со Бугарија ја подели и политичката и стручната јавност во земјава. Сепак нејасно остана прашањето што мисли бугарската јавност во однос на ова прашање и како гледа на најавите на Левица за иницијатива за ново референдумско прашање, кое треба да биде објавено во наредните денови.
Бугарскиот историчар и аналитичар Пламен Павлов во разговор за „Локално“ вели дека на иницијативата за референдум гледа како на „провокација, не само кон Бугарија и народот со бугарска самосвест во Република Северна Македонија, како и кон Европската Унија, туку и кон самото македонско општество“.
-Зошто треба да се укине договор, кој беше прифатен со добри чувства и надежи од двете страни? Нема логика или здрав разум во ваква иницијатива. Тоа им служи на интересите на надворешните сили, вклучувајќи го и режимот на Путин, наместо на интересите на македонското општество. Дали договорот со Бугарија му е најголем проблем?! Не е, се разбира, посочува Павлов.
Според него, доколку референдумот се спроведе, тоа би се одразило негативно на односите меѓу двете земји.
-И не само на односите меѓу двете земји, туку и на меѓународниот авторитет на Република Македонија, дециден е историчарот.
Павлов смета дека и доколку референдумот се појави пред граѓаните, тој нема да биде успешен.
-Не очекувам 900.000 граѓани да гласаат за поништување на Договорот за добрососедство, но дури и самото негово спроведување ќе биде повеќе од негативен чин. Дури и повеќе од тоа, ќе биде чин на омраза кон Бугарија и Бугарите, без оглед на причините што ги наведуваат во смисла на пропаганда, вели бугарскиот историчар.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека кога неговата партија ќе дојде на власт, ќе биде подготвен да седне повторно на маса со владата во Софија и да ги репреговара сите околности. Павлов гледа со зачуденост на неговиот став и прашува „што ќе се постигне со вакви хипотетички нови преговори“?
-Моето прашање е реторичко. Згора на тоа, според мене, Бугарија нема да се согласи да учествува во такви сосема непотребни и бесмислени преговори. Ми се чини дека господинот Мицкоски не бара нови преговори, туку нова платформа за антибугарски и антиевропски ставови… Нека одговори зошто, истакна историчарот и додава дека „за жал, постојаниот говор на омраза кон Бугарија е веќе критична точка сам по себе за евроинтеграциите на Македонија“.
Во однос на уставните измени во земјата, за внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав, бугарскиот историчар појаснува дека „не се работи за малцинство, туку за Бугарите во Македонија како државотворен народ“.
-Од историски аспект ние немаме „малцинство“ туку „мнозинство“ и тоа господинот Мицковски треба да го знае. Мислам дека не е нормално интелигентен човек, уште повеќе политички лидер, да продолжи да се однесува кон Бугарија и со Бугарите, вклучително и кон Бугарите во Македонија, како што постапуваше режимот на Тито. Какво е ова инсистирање да им се ускрати правото на Бугарите во Република Македонија што, на пример, го имаат Србите во Република Македонија, но и другите народи запишани во Уставот. Ова е, во најмала рака, дискриминација од најбрутален и навредлив вид. Многу се надевам дека ова проевропско крило, доколку навистина постои, ќе преовлада, не само како поединечни гласови, туку и како севкупен став на партијата ДПМНЕ, оценува Павлов.
Од друга страна постои дел од бугарската јавност кој не гледа проблем во организирањето референдум во Македонија во однос на договорот. Бугарскиот аналитичар и адвокат по професија Паскал Гонов во разговор за „Локално“ вели дека генерално поддржува референдуми.
-Сметам дека луѓето треба да можат да го дадат својот одговор за националните прашања што ги засегаат. Директната демократија е врвно право на масите, но и алатка „хај-тек“. Така, во случаи кога капацитетот на државната администрација е доведен во прашање, а правниот поредок не изградил демократски традиции во општеството или барем трајни навики на толеранција, формулирањето на прашањето е предизвик за политичарите. Еве го деталот каде лежи „ѓаволот“. Затоа на секој референдум/обид за референдум на нашите простори има многу политика и многу малку смисла и разум, објаснува Гонов.
Тој смета дека последниов месец во Република Северна Македонија беа објавени многу анализи за значењето на прашањето што се предлага да се стави на гласање.
-Според мене, проф. Денко Малески, како и аналитичарите Петар Арсовски, Ерол Ризаов, Љупчо Поповски, Никола Тодоров итн, направија совршена анализа на темата, затоа мислам дека не може да се каже ништо повеќе за шансите за успех на овој референдум.
-Очигледно, за големите познавачи на оваа тема тоа едноставно нема иднина! Интересно е да се размисли зошто и покрај ова се „троши“ толку многу енергија на овој брод што тоне, кому му е потребен овој циркус? Според споменатите аналитичари, Христијан Мицкоски на прв поглед изгледа дека има директна придобивка, но во реалноста, најголемата опозициска партија, која е „системски играч“ (во смисла на легитимно конструирана, создаде традиција како парламентарна претставена партија и дел од ЕПП) има интерес од избори, а не со револуција, како средство и механизам за преземање на власта.
Во оваа насока на размислување, ако референдумот има намера да предизвика пресврт, тогаш само Димитар Апасиев и неговиот тим можат да бидат добитници од една меѓународна дискредитација на државата, што ќе резултира со дестабилизација и колапс на етничкиот мир. Можеби токму ова е пораката на нивниот слоган – „Бугар Османи идат партизани!“, додава Гонов.
Аналитичарот „не е сигурен дека партизаните идат за да потпишат договор, барем затоа што за танго се потребни треба двајца, а од бугарска страна нема видливи кандидати за повторно преговарање на клаузули за пријателство“.
– Меѓународните договори се темел на светскиот мир. Преку нив се одредуваат границите на земјите, преку нив се создаваат меѓународни организации, преку нив се гарантира трговијата. Така е од почетокот на времето. Алтернативата е нов светски поредок. Познато или непознато? Не е важно затоа што историјата знае два начина на промена – со еволуција или со револуција. Судејќи по протестите во месец јули, очигледно е дека во возот на револуцијата има многу патници, а тој на еволуцијата веројатно е целосно празен, вели адвокатот и укажува дека нема простор за компромиси:
– Територијата меѓу двата екстремни пола е зона на воен конфликт, а не на договори. Затоа ќе кажам – благодарам за францускиот предлог и восхит за оние народни претставници кои го одобрија, порача Гонов.
Н.П.