Бугарски аналитичари за „Локално“: Провокациите на Каракачанов се злонамерна изборна кампања, неговата партија нема да биде дел од новата Влада

од Nikola Popovski
680 прегледи

Република Бугарија стави вето на почеток на преговорите на С. Македонија со Европската Унија и со тоа застана на патот на европската интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и сите останати земји-членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите. Сепак, од тогаш до денес и нема некаков напредок во преговорите околу спорот, поради фактот што Бугарија се наоѓа пред парламентарни избори, кои официјално треба да се одржат на 4-ти април оваа година.

И покрај т.н. статус-кво во изминатиот период, С. Македонија и бугарското малцинство се дел од предизборната кампања на соседна Бугарија. Бугарската министерка за надворешни работи и вицепремиерка, Екатерина Захариева, во интервју за бугарската БНТ, на прашањето за „Бугарите во Македонија“, изјави дека ќе реагираат за секој случај и се радуваат на тоа што и колегите од С. Македонија започнале да реагираат затоа што на крај тоа се и нивни државјани.

„Над 100.000 граѓани имаат и бугарско државјанство и понекогаш се заплашувани“, рече таа.

Оваа нејзина изјава дојде по состанокот на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на бугарските безбедносни служби за „заштита на бугарското малцинство во Македонија“ и по неговата изјава дека треба „да преземат навремени мерки за соодветна заштита на правата на бугарските граѓани во странство кога тие се нападнати само поради нивната национална самосвест“.

Најновите политички превирања и реакции во јавноста ги поттикна бугарскиот вицепремиеро Красимир Каракачанов, кој го честиташе Денот на жената 8-ми март, со картата на Санстефанска Бугарија, во чии рамки е и територијата на С. Македонија.

Според бугарскиот политички аналитичар, Евгениј Дајнов, овој потег на бугарскиот министер е крајно злонамерна изборна кампања заснована врз најпримитивната ксенофобија.

„ВМРО-БНД се повеќе и посигурно се лизга во мочуриштето на фашизмот. Всушност, партијата на Каракачанов едноставно сака да ги разбуди најниските страсти и омраза со цел да ја премине бариерата од 4% за влез во парламентот, бидејќи ја изгуби популарноста во последните неколку години“, вели Дајнов.

Тој смета, дека официјалниот бугарски став кон С. Македонија е примитивен, варварски и штетен на надворешно-политичките интереси на Бугарија.

„Ова го мислат и многумина други. По злонамерните глупости изречени од бугарската влада за „македонското прашање“, никој во Европа не нè сфаќа сериозно. И ова е штетно не само за Бугарија, туку и за регионот како целина. Единствениот победник е Владимир Путин, во неговите напори да ги ослабне ЕУ и НАТО и да преземе делови од Балканот“, потенцира аналитичарот.

На прашањето дали се се нанесени трајни и непоправливи штети во односите меѓу двата народи, Дајнов вели дека само смртта е непоправлива.

„Но, штетата е, се разбира, трајна. И штетата не е само во односите меѓу двата народа, туку и врз вредносниот систем и менталитетот на самиот бугарски народ, кого владетелите и властите се обидуваат да го вратат во состојба на луто и озлогласено племе“, истакна тој за „Локално“.

За дали евентуално друга власт во Бугарија може да донесе напредок во отворените прашања, аналитичарот смета партиите ГЕРБ и БСП се во иста злонамерна позиција во однос на С. Македонија.

„Која од овие партии формира влада, проблемите ќе продолжат, како и штетите на Бугарија и бугарскиот народ. Во Парламентот има и нормални партии од европски тип, но тие веројатно нема да можат да формираат влада. Нема да има нормализирање на бугарската (и македонската) позиција сè додека политичарите не го напуштат примитивниот популизам како водечки мотор на надворешните односи. Тие можат да бидат изградени само врз универзални човечки вредности, принципите на законот и основачките документи на ООН, ЕУ и НАТО. Од самиот почеток, бомбата беше поставена и експлодира, т.е. од моментот кога беше донесена вистинската идиотска одлука – политичките дејствија да зависат од одредено читање на историјата. Политиката е разговор за иднината, а не за минатото. Сè додека полемиката околу историјата е во срцето на политиката, резултатот секогаш ќе биде катастрофален. Затоа, историјата воопшто не се појавува и не треба да се појавува во ниту еден критериум за некој да влезе во ЕУ“, наведува Дајнов.

За политикологот Антониј Тодоров, објавата на Каракачанов по повод 8-ми март со Санстефанска Бугарија е несоодветна, па дури и глупава провокација.

„Ова е историја која грубо се меша во денешната реалност и мислам дека ваквите постапки се штетни за односот меѓу двата народа. Не гледам никаква врска помеѓу Санстефанска Бугарија и 8-ми март, а да не спомнувам дека објавата е крајно конзервативна, бидејќи жената е претставена само како мајка, но и празникот, всушност, по повод борбата за еднаквост на жените“, вели Тодоров.

Тој смета дека ваквите потези се дел од предизборното рекламирање на партијата ВМРО-БНД на Каракачанов.

„Не мислам дека треба да се додава масло во огнот. И без тоа односите меѓу двете страни се влошија многу. Се разбира, јас не одобрувам на каков било начин ширење омраза, било да е тоа во С. Македонија или во Бугарија. Убеден сум дека треба да ги забавиме пресметките со зборови и слики, да ја оставиме историјата малку настрана и да размислиме за иднината“, напиша аналитичарот за „Локално“.

Политикологот се надева дека не е направена трајна штета на врските и односите.

„Границата дели многу блиски народи, понекогаш дури и семејства. Не може да се даваат разни тврдења, особено за веќе далечната историјата и да се мешаат со сегашноста, а уште помалку во иднината. Заедничката историска комисија мора да оди понатаму, да продолжи да работи, но да не го поставува тонот во односите меѓу денешните две земји“, истакна Тодоров.

На прашањето дали ако дојде до промена на власта, ќе се промени нешто во односите меѓу двете земји, политичкиот аналитичар верува дека ќе има промена и се надева дека ВМРО-БНД нема да биде повторно во идната влада.

„Не секој во Бугарија размислува како Каракачанов, но, да бидеме искрени, многумина му се восхитуваат. Треба да работиме на насобраните предрасуди, како во Бугарија, така и во Македонија. За да границите меѓу нас се наоѓаат само на картата, а всушност да работиме на развивање на меѓусебната размена“, изјави тој.

„Г-динот Каракачанов постојано произведува евтин циркус за свои лични цели произведувајќи „храна“ за своите гласачи“, смета експертот за меѓународна и национална безбедност, Андреј Врабчев од бугарската фондација „Татковина“, во изјава за „Локално“.

Според него, тој така ги разгорува емоциите во Македонија, кои потоа ги користи да ги докаже своите тези, но исто така е во служба на опозицијата во Македонија.

„Ова специјално партнерство е една од причините за радикализирање на идеите во последните 30 години. Недостаток на соодветна слика за презентирање на нашите земји на објективен начин, а не во крајност, е она што не спречува лесно да го просееме ваквиот фолклор и да се ослободиме од најбучните за сметка на најразумните позиции. Колку помалку внимание се посветува на ваквите манифестации, толку повеќе ќе се поништи нивното негативно влијание. Изненаден сум од скромноста на дизајнерот, има многу поголеми мапи на бугарската земја и тој ја избра оваа“, вели Врабчев.

За тоа дали ваквите потези на Каракачанов се добар пример за добрососедните односи, тој очекува бугарската влада да биде пристојна и европска, со цел да се стимулира Македонија да одговори на ист начин.

„Зошто Бугарија не е проактивна во нашите односи? Зошто Македонија не беше поврзана со нашиот гасен систем во близина на Петрич? Зошто не инвестираме во инфраструктурата во Македонија, а чекаме Македонија сама да се гради? Зошто по бугарска иницијатива немаше заеднички прослави и активности кои не само што би ги обединиле нашите општества, туку и во пракса ќе наметнат чувство на добрососедство? Ова е европско размислување и сигурен сум дека Македонија немаше да одбие такви предлози. Зошто не е направено? Ова е веројатно начин да се акумулираат аргументи и да се одржи опкружувањето во кое неевропските политичари можат да постојат. Но, Бугарија страда од ова, не помалку од Македонија. Се разбира, Македонија лесно може да ги повлече овие аргументи доколку иницира слични активности или ги промени текстовите во своите учебници за периоди за кои нема спор“, изјави експертот.

За него, бугарскиот вицепремиер е токму оној вид политичар кој не може да постои во средина на европски развој на нашите односи и да го разбира во добрососедски и конструктивни односи.

„Причината за ова е што тој се бори со „Коминтерна“ од позиција на Коминтерна, претворајќи ги Македонците во непријател на Бугарите, што е всушност најголемата пречка на нашиот пат. Ова е она што не спречува да ја разбереме нашата заедничка историја. За жал, ова во голема мера беше наметнато како државна позиција. Партијата на Каракачанов, која има сериозни приходи од имотот на историското ВМРО, не создаде ништо во корист на подобрување на нашите односи. Ова јасно покажува дека таа нема таков интерес, има интерес за конфликт, а не за лекување рани. Друго прашање е каде се инвестираат овие средства. Учеството на г. Каракачанов на власт е многу поголем проблем за Бугарија отколку за Македонија. Под негов притисок и (во проруските кругови), Бугарија го напушти растечкиот меѓународен престиж по претседателството со ЕУ, соочувајќи се со своите сојузници во ЕУ и НАТО, ја изгуби поддршката во Македонија и ја претвори Србија во фактор. На Бугарија ѝ е потребна Македонија да биде членка на ЕУ не помалку од самата Македонија, која не била било која членка, туку наша најблиска. Успехот на Бугарија како фактор на Балканот и во ЕУ е директно поврзан со нејзиниот придонес кон стабилизацијата и напредокот на Македонија кон ЕУ. Секој што го спречува ова им служи на странските интереси на земјите надвор од Европа – Србија и Русија“, рече Врабчев.

За тоа дали се направени непоправливи штети во односите меѓу двете земји, политичкиот експерт смета дека ако погледнеме малку подлабоко, ќе сфатиме дека потребата за катарза на нашите општества е болна.

„Нема начин како да се движиме напред без тоа. Гледано на овој начин, сè што се случува може да се толкува како криза на хронична болест, а хроничното заболување се третира преку криза. Верувам дека ако сме помудри и похумани, сè ќе биде заборавено и ќе служи за расчистување на теренот за стабилен мир и убов. Блажени се мировниците кои можат да не водат на вистинскиот пат“, истакна тој.

Врабчев очекува да не го види Каракачанов на власт после престојните избори.

„Без него, ние би можеле да дејствуваме пофлексибилно, иако многу од луѓето вклучени во нашите односи се поврзани со тоа. Пред да се формира влада, не можев да предвидам какви ќе бидат резултатите. Од друга страна, претпоставувам дека ќе се зголеми притисокот врз нас да ги решиме нашите проблеми, што веројатно ќе доведе до некои промени“, предвидува тој.

Во врска со вчерашниот објавен список од бугарскиот министер и вицепремиер со имињата на неколку функционери од ВМРО-ДПМНЕ кои наводно имаат бугарски пасоши и кои можат да гласаат на изборите во Бугарија, политикологот смета дека тоа е потег што има за цел да ја „замати водата“ со цел да ја одржи состојбата на сложени и напнати односи, кои се корисни и за Каракачанов и за ДПМНЕ.

„Сам по себе овој список не носи никаква порака. Бенефит за Каракачанов е да се претстави како непријател на ДПМНЕ, иако со своето однесување создава услови во полза на ДПМНЕ.

Ако претпоставиме дека овие имиња се вистински и лицата кои имаат предвид дека знаат какви процеси се одвиваат во ВМРО-ДПМНЕ, дека врие и се очекуваат големи промени, тогаш е можно да се отстранат одредени кандидати.

Сепак, има многу противречности во овој потег.

Зошто треба да се изнесуваат имиња на политичари кои се грижеа за Бугарија според Каракачаов, со кои тие ритуално се жртвуваат? Ако има такви високи политичари кои имаат бугарска самосвест, тогаш каде е репресијата врз народот со бугарска самосвест за која слушаме? Ако овие политичари навистина имаат лошо однесување и говор на омраза кон Бугарија, зошто добиле пасоши? Зарем ова не ја докажува антибугарската теза дека пасошите се земаат од интерес и за пари? Ништо од горенаведеното не е во прилог на господинот Каракачанов. Самата негова постапка не е ниту во негова ниту во прилог на Бугарија, тој покажува незнаење и полициско работење. Ова е однесување недостојно за министер и вицепремиер“, потенцира Врабчев.

За разлика од аналитичарите кои го осудија ваквиот потег на Каракачанов, заменик-претседател на партијата ВМРО-БНД, Милен Михов, во кратка изјава за „Локално“, нагласи дека во честитката на неговиот сопартиец може да се види европската иднина на С. Македонија, во која нема да има граница со Бугарија.

„Република С. Македонија во ЕУ = Санстефанска Бугарија“, напиша Михов.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров ја коментираше осмомартовската честитка на бугарскиот вицепремиер, опишувајќи ја како изборен фолклор.

„Колку е поголема реакцијата, толку е поголем ефектот таму, и можеби тоа е и идејата. Но, принципиелно и со најумерени зборови ќе кажам, дека треба да сме внимателни во тоа што зборуваме и што објавувааме и треба да избегнуваме објави кои наликуваат на територијални претензии и се против Договорот за пријателство, ние сме земји – членки на НАТО, така што во однос на овие цели да се гледа помалку на денот, а повеќе на долг рок“, рече Димитров.

И премиерот Зоран Заев го коментираше потегот на Каракачанов.

„Како што е подготвен да шутира Никола и јас сум, веројатно кога ти местат пенал, но мора да внимаваме дека натпреварот трае и треба да трае. Ова го кажувам од аспект што Договорот за пријателство со Бугарија покажува дека државите меѓу себе немаат територијални претензии, а притоа ќе кажам и јас дека немам намера да влегувам во предизборен фолклор на соседна земја или која било друга пријателска земја“, рече Заев на прес конференција во Владата.

Никола Поповски

Слични содржини