„Јас сум скептичен кон самата идеја за блокирање на преговорите на С. Македонија со ЕУ, бидејќи тоа оди целосно во прилог на македонизмот и генерира многу сериозни антибугарски чувства кај нашиот сосед и ја става Бугарија во меѓународна изолација – во рамките на Европската Унија и во регионот“, смета поранешниот заменик министер за надворешни работи на Бугарија, Љубомир Кучуков.
Изјавите на политичарите од двете земји, кои немаат никаква врска со дипломатијата, се сведени на споредби кој од нив е поголем патриот, што доведува до несогласувања и меѓу дипломатите, истакнал експертот.
„Овој вид политичка реторика го прави дијалогот на дипломатско ниво крајно тежок“, вели Кучуков во изјавата за Бугарското национално радио.
Договорот меѓу Софија и Скопје и Преспанскиот договор меѓу Атина и Скопје честопати се споредуваат, но документите се однесуваат на сосема различни прашања. Според него, Договорот за добрососедство нуди само начин да се решат несогласувањата.
„Атина се обидува да докаже дека нема ништо заедничко меѓу Грција и Република С. Македонија, додека Софија се обидува да го докаже спротивното. Проблемите на Грција со Република С. Македонија завршија со потпишување на договорот, а во исто време решението за проблемот меѓу Бугарија и С. Македонија започна со потпишување на договорот“, вели поранешниот заменик министер.
Тој смета дека договорот е важен чекор во односите меѓу Софија и Скопје и дека тој е всушност единствениот инструмент што ѝ овозможува на Бугарија да се изјасни за својата позиција во Европската Унија.
На 6-ти ноември на ниво на амбасадори, Бугарија официјално ја извести Европската комисија дека не ја одобрува рамката за пристапните преговори на С. Македонија во ЕУ.