Бугарски европратеници: Мицкоски ги знаеше амандманите пред да бидат објавени – дали има протекување на информации во ЕП?

од Nikola Popovski
429 прегледи

Двајца бугарски европратеници Станислав Стојанов од Преродба и Ивајло Валчев од ИТН испратија писмо до Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) по повод Предлог-извештајот за напредокот на Македонија во ЕУ. Во него, тие го информираат Комитетот за, како што велат, загрижувачките неправилности што го придружуваат процесот на преговори за пристапување на земјава.

„Во неколку наврати, премиерот на С. Македонија, г-дин Христијан Мицкоски, јавно се осврна на специфични елементи од извештајот пред тие да им бидат достапни на пратениците на Европскиот парламент. Веќе за време на првиот состанок на известувачите во сенка, стана јасно дека Македонија некако добила пристап до нацрт-компромисните амандмани. Никој од присутните не можеше да објасни како овие документи стигнале до нив. Понатаму, г-дин Мицкоски тврди дека работел со европратениците 11 месеци за да постигне „добар резултат“, се наведува во писмото.

Валчев и Стојанов го информираат Kомитетот за, како што порачуваат, еден особено загрижувачки случај во кој еден од известувачите во сенка испратил е-пошта со мал технички предлог – само за да разјасни нешто.

„Оваа порака била испратена само до известувачите во сенка, нивните советници и секретаријатот на AФЕТ. Сепак, во рок од 24 часа, премиерот на С.Македонија се чинеше дека бил целосно свесен за содржината на доверливиот предлог“.

Според двајцата бугарски европратеници, ова предизвикува сериозна загриженост за можно систематско протекување на информации или можно кршење на ИТ безбедноста на Европскиот парламент од страна на трета земја.

„За жал, овие протекувања на информации не престанаа. Како што некои од вас веројатно знаат, ќе биде предложен амандман поврзан со гореспоменатиот технички предлог. Како што може да се види во едно од неодамнешните интервјуа за медиумите, г-дин Мицкоски повторно е запознаен со точната формулација на предлогот – нешто што стана еден вид „традиција“ во работата на овој извештај. Особено е загрижувачки што тој го користи и злоупотребува своето знаење за содржината на текстот за домашни политички цели. Тој постојано се фалеше јавно дека може да влијае на процесот на преговори што се одвива во Европскиот парламент. Оваа ситуација претставува сериозно кршење на институционалната неутралност, законодавниот интегритет и процедуралната доверливост. Ја поткопува легитимноста на процесот на проширување и го оштетува авторитетот на Парламентот како чесен посредник во чувствителни геополитички досиеја. Нашата загриженост не е само процедурална – тоа е прашање на институционална етика и јавна доверба. Европскиот парламент не може да дозволи неговите внатрешни процеси да бидат компромитирани од странско влијание или искривено претставување на фактите. Во моментов, текстот на извештајот е проблематичен од повеќе причини што одат многу подалеку од билатералните прашања меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Без оглед на исходот од гласањето, инсистираме на темелна истрага за случајот од страна на службите на Европскиот парламент. Претседателот е веќе информиран и очекуваме конкретни резултати во разумен рок. Протекувањето информации е апсолутно неприфатливо. Во случај ИТ-системите на Парламентот да се компромитирани, веруваме дека прашањето мора да се третира со сета сериозност, бидејќи таквите ранливости можат да бидат искористени и манипулирани од трети страни – без разлика дали за добронамерни или злонамерни цели. Мора да направиме сè што е потребно за да го заштитиме и интегритетот на оваа институција и демократската природа на процесот на преговори за сите досиеја“, се вели во писмото од двајцата бугарски европратеници.

Слични содржини