Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц вчера изрази надеж дека властите во Скопјe нема да ја пропуштат можноста да постигнат напредок во преговорите за пристапување во ЕУ. Вајц презентираше резиме од својот предлог за новиот годишен извештај на ЕП за РСМ, чија содржина почна да се дискутира во парламентарниот комитет за надворешни работи.
Во дебата се приклучиле и бугарски европратеници. Станислав Стојанов од партијата Преродба истакна дека луѓето во Македонија чекале доволно долго, но политичката елита не изгледа уморна и одбива да ги исполни преземените обврски.
-Со ова темпо, го кажувам ова со жалење, процесот на преговори може да трае не 20, туку 120 години, рекол Стојанов.
Според него, главните обврски поврзани со промените во уставот остануваат неисполнети, недостасува политичка волја за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Од друга страна, европратеникот Ивајло Валчев од групата Има таков народ изјавил дека народот во Македонија е секако уморен, но властите во Скопје продолжуваат со својата политика на барање надворешен непријател со цел да ги отстранат домашните политички проблеми.
-Особено загрижувачки се јавните изјави на премиерот Мицкоски, кои често ја интензивираат конфронтациската реторика, како кон опозицијата и медиумите кои се критични кон него, така и кон соседните земји и ЕУ, додал Валчев.
-Таквата реторика го поткопува фундаменталниот дух на добрососедство, истакнал тој.
-Недостасуваат конечни пресуди за борба против корупцијата на највисоките нивоа на власта, што создава чувство на неказнивост и ја поткопува довербата во државата. Оние на власт создаваат вештачки проблеми поврзани со таканаречениот „идентитет“ и зад овој параван го попречуваат напредокот во процесот на преговори, порачал Валчев.
Европарламентарците согласни дека Македонија е премногу долго во чекалницата на ЕУ, а граѓаните се изморени. Дел се на став оти земјата има направено голем исчекор во реформите со јавната администрација, но напорите се недоволни во владеење на правото, борбата против корупцијата и слободата на медиумите. Некои сметаат и дека ЕУ треба да разбере дека балканот е дел од Европа и ако не се интегрира, Европа ќе се соочи со економски и безбедносни проблеми.
До 6-ти март европратениците може да поднесат амандмани на Нацрт-извештајот за Македонија, гласањето во Европскиот парламент е закажано за 5-ти мај.