„Најдоброто што може да се случи е воопшто да нема таков Извештај за напредокот на Република Северна Македонија. Процесот на неговото создавање е погрешен бидејќи има редовно протекување на информации“. Ова за бугарските медиуми го изјавил европратеникот Станислав Стојанов од групата „Европа на суверени нации/Преродба“ на маргините на Европскиот парламент во Стразбур.
Комитетот за надворешни работи на ЕП на 4 јуни се согласи да го одложи гласањето за извештајот за напредокот на Македонија во ЕУ по предлог на известувачот Томас Вајц. Гласањето во парламентарниот комитет е закажано да се одржи на 24 јуни, а во пленарната сала на ЕП во Стразбур во јули.
Според Стојанов, ЕП е ставен во исклучително непријатна ситуација бидејќи се чини дека оваа институција не е објективна.
„Напротив, протекувањето го направија трети страни, што треба да биде предмет на извештај, но во исто време се покажува дека тие работат на неговата содржина“, рекол Стојанов.
Тој очекува да ја види реакцијата на Европскиот парламент и како тој ќе го заштити угледот и имиџот на една легална, демократска институција. Потсетува дека испратил писмо со барање за истрага, по што сите бугарски европратеници го побарале истото.
„И други европратеници се приклучуваат на ова мислење и ставот дека треба да има некаков вид инспекција, истрага за да се види што се случило, истакнал Стојанов.
Според Стојанов, известувачот Вајц бил многу компромитиран од македонските власти, бидејќи редовно давале информации и коментирале за нацрт-амандмани, предлози кои дури и не биле официјални, како на пример дали да го има зборот „сегашен“ пред „македонски идентитет“. Според Стојанов, не е работа на европски извештај, кој треба да го оцени напредокот на дадена земја, да признава каков било идентитет.
„Ова не се случило порано. Извештаите ја оценуваат состојбата на земјите, реформите во контекст на процесот на пристапување“, изјавил Стојанов. Тој истакнал дека „јасно постои желба да се дадат некои подароци на Скопје“.
Стојанов обвинува и дека Македонија на никаков начин не покажува дека се стреми кон членство во ЕУ.