Бугарски европратеник за Извештајот за Македонија: За работите да бидат добри меѓу нас мора да се размислува за двете земји

од Nikola Popovski
434 прегледи

Бугарскиот европратеник, Христо Петров очекува да помине Извештајот на ЕП за напредокот на Македонија во ЕУ, со најновите поднесени амандмани. Тој во интервју за бугарските медиуми ја коментирал, како што вели, одбраната на бугарскиот национален интерес во врска со Извештајот.

„Навистина сакам да помине Извештајот во формата во која го одобривме“, порачал Петров.

Според него, „луѓето во Македонија секако го сакаат тоа, но не е сигурен дали тоа е случај и од страна на македонските власти“.

„Најважно е луѓето од двете страни да имаат интерес, да сфатат дека не може да се размислува само за сопствената земја. За работите да бидат добри меѓу нас – мора да се размислува за двете земји“, додал европратеникот.

Трите најголеми групи во Европскиот парламент, наместо амандман со придавката „модерен“ пред македонскиот јазики и идентитет, се договориле од Извештајот за Македонија, кој денес и утре треба да се најде пред европратениците, да се избрише споменувањето на македонски јазик и идентитет. Ова на својот фејсбук профил го објави бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, според кого теми за идентитет и јазик не им е место во извештај за напредокот на земја што аплицира за членство во ЕУ.

„На барање на групата на Европската народна партија, трите најголеми партии во Европскиот парламент – Европските народни партии, социјалдемократите и Обновување (либерали), синоќа се согласија да ги отстранат од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија сите референци за „македонски идентитет“ и „македонски јазик“. Очекувам дека овој амандман ќе биде поддржан од мнозинството во ЕП следната недела на пленарна седница“, напиша Ковачев на Фејсбук.