Бугарски европратеници со став за С.Македонија: Нашата подадена рака за помош останува во името на нашата заедничка европска иднина

од Vladimir Zorba

„Ние, потпишаните бугарски претставници на ГЕРБ / ЕПП, СДС / ЕПП и ВМРО / ЕКР во Европскиот парламент, цврсто стоиме зад европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и интеграцијата на Република Северна Македонија како полноправна членка на Европската унија. Убедени сме дека влезот во ЕУ е најефективната алатка за надминување на поделбата на минатото и историското помирување“, се вели во заедничко соопштение на бугарските европратеници.

„Ние секогаш ја поддржувавме и продолжуваме да ја поддржуваме европската иднина на нашите најблиски соседи во Република Северна Македонија. Заклучоците на Советот на ЕУ за проширување од март оваа година потсетуваат на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување на Договорот за добрососедски односи со Бугарија во добра верба. За жал, и покрај нашите постојани повици, не гледаме напредок во спроведувањето на овој фундаментален договор. Бугарија ги исполнува своите обврски, но во исто време гледаме систематско кршење на договорот од страна на Република Северна Македонија.

Еден од многуте примери се неодамнешните изјави на премиерот Зоран Заев, кој ја толкуваше заедничката историја како „испреплетена“ и „мултиперспективална“, што е во јасна спротивност со одредбите на билатералниот договор. Ја повикуваме Република Северна Македонија да го надополни забавувањето, за да можат преговорите да започнат што е можно побрзо. Во срцето на создавањето на ЕУ е идејата за надминување на непријателството и спротивставувањето меѓу европските земји. Пропагандата од минатото мора да се запре за да се отвори патот за објективно и засновано на докази предавање на историјата на помладите генерации, како што е запишано во договорот меѓу двете страни. Современите реалности се факт, но тие не можат да бидат аргумент за продолжување на фалсификувањето на историјата и омразата кон соседите.

Историјата мора да не обедини, а не да не разделува. Нашата подадена рака за помош останува во името на нашата заедничка европска иднина и просперитетот на нашите граѓани“, се вели во соопштението на европратениците.

Слични содржини