Бугарски генерал со критики за бугарското разузнавање: „Службите од малата Македонија протераа руски свештеник кој удобно си живее во Софија“

од Nikola Popovski
520 прегледи

Бугарскиот генерал Атанас Атанасов, кој воедно е и копретседател на парламентарната група на владејачките Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија (ПП-ДБ), упати критики до бугарското разузнавање после случајот со протерувањето на тројцата руски дипломати и еден руски свештеник од Македонија. Според Атанасов, свештеникот познат како Васијан Змеев живеел во Софија.

„Малата Македонија со своите служби дозна дека рускиот свештеник кој живее во Софија и служи во Руската црква се занимава со разузнавање во нивната земја и го протерале од таму, а тој веќе престојувал во Бугарија. Го прашувам бугарското контраразузнавање – имаат ли срам што тој што живее овде и развива разузнавачки активности во Бугарија е избркан од Македонија, а овде си седи во удобност“, рекол Атанасов во интервју за „БНТ“.

Тој додал дека Змеев бил поглавар на Московската патријаршија во Софија.

Според информациите, Змеев изминатава година имал интензивни посети на Македонија и зачестени средби со Архиепископот Стефан и митрополитите Григориј и Петар.

Нашето Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека тројца руски дипломати биле протерани затоа што презеле „активности што се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“. Сепак, во соопштението воопшто не беше спомнато името на рускиот архимандрит.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, реагираше на протерувањето.

„Одлуката за протерување на нашите колеги ја сметаме за ирелевантна желба на раководството на оваа земја уште еднаш да им ја покаже на западните чувари своjата важност во борбата против замислената „руска закана“, истакнала Захарова и информирала дека „неодговорниот и непријателски чекор на властите на Северна Македонија нема да остане без одговор“.

Слични содржини