Бугарски историчар: Македонскиот јазик е посебен и литературен

од Nikola Popovski
157 прегледи

Нема сомнение дека македонскиот јазик е посебен литературен јазик, а не дијалект. Историјата на македонскиот јазик не започнува со Коминтерната и нејзината хипотетичка интервенција во 1945 година. На оние кои тврдат дека македонскиот јазик е вештачки мора да им се каже дека и бугарскиот јазик е вештачка конструкција. Создаден е во 19 век. Ова го вели бугарскиот проф. Александар Ќосев, културен историчар и литературен научник, професор на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

Ќосев изјави дека има четири ставови за односите меѓу бугарскиот и македонскиот јазик.

Првиот став е официјалното бугарско гледиште и според него македонскиот јазик е кодифицирана норма на бугарскиот јазик. Според Косев, ова гледиште се потпира на некоја хипотетичка лингвистичка историја.

Вториот став е македонскиот.

– Официјалниот македонски став, кој што не е само македонски го дефинира македонскиот јазик и неговиот однос кон бугарскиот преку потеклото. Но, не преку историското потекло, туку преку потеклото на обичниот човек. Затоа што јазикот се раѓа секогаш кога ќе се роди бебе и кога ќе го научи својот мајчин јазик и кога ќе го научи овој волшебен, сладок мајчин говор. Односно, постои вроден однос на поединецот кон јазикот што го прави мајчин јазик. Замислете ја ситуацијата на Македонците, кои живееле со овој мајчин говор, шармантен, сладок, македонски, па некој доаѓа и им вели: „Ова не е ваш јазик”. И што се случува потоа, се разбира следуваат вицови – вели Ќосев.

Третиот став е модерната наука и овој став е поддржан од професорот Ќосев. Модерната наука истражува и јасно кажува како настанале модерните народи и како се кодифицираат литературните јазици.

-Се осмелувам да кажам дека се согласувам со овој став и централниот приговор на бугарската страна, дека македонскиот е вештачка конструкција. Овој став кажува нешто многу просто, дека и бугарскиот јазик е вештачка конструкција. Тоа е вештачка конструкција што се создавала во текот на еден век, 19 век, и која го кодифицирала јазикот за да има идентитет – политички идентитет, а не јазичен идентитет, нагласи Ќосев.

Според него, четвртиот став е на славистите насекаде низ светот.

-На светските универзитети има лингвисти и којзнае зошто не се сомневаат дека македонскиот јазик постои. Тие некако немаат заеднички став со бугарските лингвисти – вели Ќосев и додава дека за оваа не мала „академска заедница” македонскиот јазик заслужува да биде изучуван, а неговата фонетика, морфологија, синтакса и неговата литература се несомнени. За овие слависти низ светот, бугарско-македонскиот спор е „многу чуден и речиси неразбирлив“, додава тој, пренесува БГНЕС.