Бугарски историчар: Мора да се откажеме од идејата дека Македонците се наши браќа

од Nikola Popovski

Бугарските и македонските историчари мора да најдат решение што навистина ќе влијае на образовната програма, смета Иван Илчев, дописен член на Бугарската академија на науките и член на мешвитата бугарско-македонската комисија за историја и образование.

Иако за време на состаноците со македонски колеги успеале да се договорат за промените во учебниците, во реалноста сè останува исто.

„Она за што ќе се согласиме нема да има апсолутно никакво значење ако го нема во учебниците. Децата во С. Македонија продолжуваат да учат од учебниците во кои пишува дека старите Бугари се номадски народ со татарско-монголско потекло кој ограбувал. Тоа е глупост“, изјавил Илчев за бугарската телевизија „бТВ“.

Тој додал дека ваквата формулација сè уште е присутна во учебникот за шесто одделение, иако македонските колеги изјавиле дека тоа не е точно.

„Ние мора да се откажеме од идејата дека Македонците се наши браќа. Тие се соседна земја со свои интереси, а ние имаме свои. Низ историјата, нашите интереси се пресретнуваа, но има и други области во кои можеме да работиме заедно“, рекол Илчев.

Тој смета дека бугарската влада треба да изврши темелна анализа за тоа што е придобивка и каква штета може да и донесе на Бугарија влезот на нејзините соседи во Европската Унија.

„Дали само ќе разговараме за братските чувства или не? Ако нема анализа како тоа ќе изгледа во економската сфера, ако нема анализа што би рекла: ако станете членка на ЕУ , веројатно ќе не поддржите за одредени прашања, но ќе ни создаде проблеми за некои други прашања“, прашал Илчев.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов се состанал со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и изразил поддршка за земјата на нејзиниот пат кон ЕУ. Премиерот Зоран Заев на 11 ноември ќе се сретне со неговиот бугарски колега, а првата меѓувладина конференција за пристап на С. Македонија во ЕУ се очекува во декември.

Скопје се надева дека Софија ќе одреди датум за конференцијата, но Бугарија има свој став, смета вицепремиерот Красимир Каракачанов. Тој изјави дека големите европски земји, пред се Германија, вршат притисок врз Софија заради прашање поврзано со историјата на Македонија.

Слични содржини