Бугарски политичар: Мицкоски има намера да ја оттргне Македонија од нејзиниот евроатлантски пат со зборови на омраза кон Бугарија

од Nikola Popovski
1,7K прегледи

„Новоизбраниот премиер на Северна Македонија избра конфронтација и кршење на европските принципи и од највисоката парламентарна платформа побара да ја оттргне земјата од нејзиниот евроатлантски пат со зборови кои проповедаат омраза кон европска Бугарија“, порачал претседателот на бугарската партија Движење за права и слобода (ДПС), Делјан Пеевски по вчерашните ставови на премиерот Христијан Мицкоски.

Според него, новиот македонски премиер се однесува „арогантно“.

-Арогантно декларираното одбивање да се спроведе договорот со Бугарија, со кој се бара вклучување на Бугарите во Уставот со измени на основниот закон, е грубо кршење на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ“, смета бугарскиот политичар.

-Пред повеќе од еден месец упатив апел до господинот Мицкоски со предупредување – да не се обидува да ја користи Бугарија за своите внатрешно-политички цели, но сега изјавувам дека како држава нема да останеме рамнодушни на оваа уште една провокација, додал Пеевски.

Тој ги повикал сите пратеници од бугарскиот парламент и Европскиот парламент, без разлика на нивната партиска припадност, да не ги игнорираат „идните алармантни процеси во Македонија“.

„Доколку има желба и политичка волја, преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија може да се промени“, изјави новоизбраниот премиер, Мицкоски. Во своето прво интервју како премиер, за емисијата „24 анализа“ изјави дека е подготвен да седне и да најде решение со новата бугарска влада.

-Нашиот став и аргументи и се познати на јавноста и чекаме да видиме кои се аргументите од другата страна. Очигледно, вака како се одвиваше досега не може да се направи. Направена е грешка. Кога нешто не функционира , мора да се најде решение. И ние бараме решение и оттаму очекувам новата бугарска влада да биде на Бојко Борисов и очекувам дека ќе има добра волја да седнеме да ги аргументираме нашите позиции, како добри соседи или како што би рекол тој (Борисов), „држави на два братски народи“, кажа Мицкоски, додавајќи дека Македонија направила многу за европските вредности, но не добила ништо.

Според Мицкоски, едногласноста во одлучувањето во ЕУ може да се заобиколи бидејќи „само во последните месеци се донесени две-три одлуки без едногласност“.

-Имаме најмалку три креативни решенија за кои сум подготвен да разговарам кога ќе има политичка влада во Бугарија и за кои сметам дека можат да бидат излезно сценарио од целиот процес, вели премиерот.

Слични содржини