Францускиот предлог за европските гаранции за исполнување на бугарските услови од страна на Северна Македонија е успех за Бугарија. Отфрлањето е пропуштање на добар договор, изјавил во бугарскиот парламент претседателот на пратеничката група на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов.
Според него, тоа станало јасно на сослушувањето на министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска.
„Бугарија ќе ја пропушти можноста за добар договор, изработен од француското претседателство. Најважниот параметар на овој договор е дека ќе има обврска од Европската комисија да следи дали Северна Македонија ќе ги вклучи Бугарите во Уставот како и другите народи кои се основачи на републиката. Не станува збор за малцинство. И ако тоа не се случи, нема да има преговори и отворање на првото поглавје. Ова е успех за бугарската дипломатија и ова не е национално предавство“, додал Иванов.
Тој го критикувал однесувањето на Генчовска.
„Надворешната политика на земјата ја одредува Советот на министри, кој е Кабинет на премиерот. И од оваа гледна точка, секој министер кој тврди дека можеби има некоја друга политика едноставно поднесува оставка, како што сум направил и јас. Нема филм во кој министер има своја политика, премиерот има друга политика и министерот ќе го обвинува премиерот“, изјавил Иванов, пренесува „БНР“.