„Бугарски железници“ контра македонската Влада: Имаме план и средства за изградба на Коридорот 8

од Nikola Popovski
116 прегледи

Изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски за Коридорот 8 и пругата меѓу Скопје и Софија се целосна лага и манипулација, тврдат дел од бугарските медиуми. Тамошното Национално претпријатие за железничка инфраструктура, кое е директно одговорно за проектот, до бугарски „БГНЕС“ испратило целосен извештај со финансиски информации за изградба на целата инфраструктура долж Коридорот 8 до македонската граница.

-Со средства од Оперативната програма „Транспорт и транспортна инфраструктура“ 2014-2020 година, Бугарија ја финансира подготовката на модернизацијата на железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево – граница со Република Северна Македонија.

Во однос на железничката делница Софија-Перник-Радомир, изготвен е извештај на постојните станици и меѓустаници кои се наоѓаат во рамките на проектот. Изработени се и катастарски планови и регистри. Одобрени се техничкиот проект за железничката делница и деталниот технички план. Изработени се геодетски елаборат и инженерско-геолошки елаборат, истакнуваат меѓу другото од „Бугарски железници“.

-Во последните месец и половина бевме сведоци на невиден напад на властите во Република Северна Македонија против Коридорот 8. Тонот за уште еден суштински антибугарски напад го даде премиерот Мицкоски, а постепено и други политичари од нашиот југозападен сосед му се придружија.

Иако финансирањето на источниот дел од Коридорот 8, кој треба да го поврзе Скопје со бугарската граница, е обезбедено од ЕУ и заеми од ЕБОР и ЕИБ, македонските власти прават се што е можно не само да го одложат проектот, но и да се пренасочат средства за развој на транспортното поврзување со Белград.

За да биде целосно апсурдно, дојде дури и до изјава како онаа на министерот за транспорт Николски, кој ја обвини Бугарија дека не сака да ја заврши железничката пруга, стои меѓу другото во соопштението од „Бугарски железници“, објавено од бугарските медиуми.

Премиерот Мицкоски неодамна изјави дека Бугарија за внатрешно – политички потреби ја политизира најавата на македонската Влада за пренамената на средствата за изградбата на пругата кон Бугарија. Одлуката вели дека се темели, на чисто инженерски проблем, бидејќи од бугарска страна не постои јасен проект. Вели дека не му паѓа на памет да потроши 550 милиони евра за пруга која завршува во слепа улица, а половина тунел без предвидлива иднина. Според него, како соседи, Македонија и Бугарија „треба да се поддржуваат една со друга и не треба се да се прави политика“.

„Жалам што повторно за нивни внатрешно – политички потреби тие прават политика од сето ова. Ова е инженерски проблем, нема врска со политика. Сакаме да го направиме Коридорот 8, прв сум за тоа, но да биде како што треба. Неодговорно е да влеземе во авантура во која што не се знае дали ќе има крај и кога ќе биде крајот. Не сакаме да ни случи новиот автопат Охрид – Кичево само сега во овие 24 километри“, рече меѓу другото Мицкоски.

За третата фаза од железничкиот Коридор 8, односно од Крива Паланка до границата со Бугарија обезбедени се 560 милиони евра. Дел од средствата, 350 милион евра се од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка. Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан земен е грант од 150 милиони евра. А од ИПА 2 програмата 60, 7 милиони евра.

Слични содржини