Никој не може да изврши притисок врз разговорите меѓу Бугарија и С. Македонија, дури и ако тоа е претседателот на САД, изјави вчера амбасадорот на Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов.
Тој истакна дека Бугарија самостојно ги брани своите национални интереси, а притисокот е илузорен.
„Не гледам кој може да изврши притисок врз Бугарија да ги брани нејзините национални интереси“, рече Ангелов.
Во врска со патоказот (за односите меѓу Софија и Скопје), тој изјави дека нема ништо штетно и спорно.
„Разговорите се во тек и не е тајна. Правиме сè за да можеме да постигнеме некаков позитивен резултат, веројатно до 22-ри јуни“, рече Ангелов.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, вчера протестираше пред Министерството за надворешни работи (МНР), барајќи одговор за што се преговара со Бугарија. По три дена блокирање на крстосници во Скопје и во уште неколку градови, вчера приврзаници на партијата протестираа пред МНР и овојпат под истото мото „Доста е, Излези за Македонија“, против, како што наведуваат „новиот обид за продажба на националните и државни интереси од страна на Зоран Заев и Владо Бучковски“.
Специјалниот пратеник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, во однос на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, неделава за „Локално“ изјави дека нашите позиции се кристално јасни, што се слушна деновиве од премиерот Зоран Заев и од МНР Никола Димитров во Парламентот на Советот за интеграции.
„За жал, по кој знае кој пат, Мицкоски е генератор на лажни вести“, истакна Бучковски.