„Имам чувство дека Николоски раскажува македонски приказни за добра ноќ“ – вака бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт, Гроздан Караџов ги коментирал зборовите на неговиот македонски колега, Александар Николоски дека Бугарија не прави ништо во врска со Коридорот 8.
„Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише“, прашал Караџов во интервју за „БНТ“.
„Додека Николоски ги кажуваше овие зборови, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а оттаму стигна до последната станица Ѓуешево и ја чека македонската“, додал министерот.
Тој потсетил дека Бугарија проектирала 90% сосема нова линија помеѓу Радомир и Ѓуешево, овозможувајќи брзина на возовите од 160 км/ч.
„Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 км/ч, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не“, додал Караџов.
Николоски пред неколку дена информира дека доставени се преку 15 дописи, но нема одговор од бугарската страна.
„Очигледно е дека Бугарија не сака да ја гради пругата на коридор 8, иако шпекулираат. Самиот факт што одбегнуваат да се сретнеме, говори многу за судбината на проектот“, рече вицепремиерот. Николоски потврди дека Македонија е со цврста заложба за доизградба на пругата на коридор 8. Според него, очигледно е дека Бугарија не сака да гради. Соседите покажале несериозност со повиците за средби и фактот дека го откажаа проектот за реконструкција на пругата Софија-Перник.
Од друга страна и шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски информира дека некое време се работи на организирање на заедничка средба, без позитивен фид-бек, меѓу него, министерот Николоски и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска со нивните колеги од бугарска страна за иднината на Коридорот 8.
-За жал, подолг период немаме позитивен одговор, но ќе продолжиме да работиме на остварување и на таа средба. Дијалог и комуникација постојано има. Доколку застане дијалогот од наша страна, тогаш ќе бидеме соучесници на закочување на европската интеграција на државата, кажа министерот.