Бугарскиот МВР: Имаше загриженост за нарушување на јавниот ред и мир во Благоевград

од Nikola Popovski
242 прегледи

„Имавме загриженост за немири. Имаше дефинитивна потреба од такви драконски безбедносни мерки. Мораме да покажеме дека сме правна држава која е способна да го одржува редот на својата територија, која е способна да организира цивилизиран тек на такви настани. Да не дозволиме инциденти и да покажеме дека, за разлика од другите земји, во Бугарија не се толерираат нарушувања на јавниот ред и мир“. Вака бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев го коментирал отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапацаров“ и протестот на ВМРО-БНД во исто време.

Министерот бил во Благоевград и лично ја следел ситуацијата на терен, пишуваат бугарските медиуми.

„Наша задача денес беше да го зачуваме јавниот ред. После тоа ќе ги искористиме сите механизми на правото и политиката“, додал Демерџиев и ги пофалил полицајците кои, како што вели, „дејствуваат крајно професионално“.

Македонскиот клуб во Благоевград се отвори под засилена полициска заштита низ градот и во позадина на протестот против неговото отворање, организиран од ВМРО-БНД пред споменикот на Гоце Делчев.

„Тука сме да го поддржиме нашиот народ – Македонците од другата страна на границата. Да испратиме јасна порака дека ние сме Македонци кои го зборуваме македонскиот јазик и потекнуваме од Македонија. Во 21 век никој не треба да има сомнение и да зборува за ова прашање“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој заедно со лидерот на Левица, Димитар Апасиев и претставник на претседателот Стево Пендаровски присуствуваше на отворањето на клубот.

Слични содржини