Бугарскиот премиер за падот на владата ги обвини Русите и мафијата

од Stefanija Kuzmanovska

Бугарскиот премиер во заминување Кирил Петков ја обвини Русија и мафијата во неговата земја за падот на владата. Петков, кој ја презеде премиерската функција пред шест месеци, се обрати до јавноста откако бугарскиот парламент вчера ѝ изгласа недоверба на Владата. На гласање за недоверба, 123 пратеници гласаа против владата, од 239.

Тој ја критикуваше работата на опозицијата, но и постапките на одредени коалициски партнери. Петков им призна на новинарите дека негова најголема политичка грешка е преговарањето за соработка со некои бугарски партии кои ги ставаат сопствените интереси пред државните, пишува „Политико“.

Владата на Петков вети дека ќе се бори против раширената корупција во Бугарија, а официјална Софија зазеде цврст став против руската инвазија на Украина.

Тој ги обвини Русите за својата смена, а ја спомна и мафијата

Петков на новинарите им кажа за луѓето кои ги смета за клучни за соборување на неговата влада, па го спомена и рускиот амбасадор во Софија. Тој ја обвини Русија за неговата смена преку пратениците од екстремно десничарската партија Препород. Ја спомна и мафијата.

„Во овие шест месеци сакавме да се бориме со моделот на корупција изразен преку партиите како што се Препород и Има таков народ и да ги браниме бугарските, а не странските интереси. Мислам дека руското влијание навлезе овде“, рече бугарскиот премиер во заминување.

Тој рече дека има една работа во која власта не погрешила, а тоа е одлуката да не отстапи од принципите и ветувањата што ги дале. За лидерите на опозициските партии, Бојко Борисов и Слави Трифонов, Петков нема убави зборови.

„Трифонов е историја, тој никогаш повеќе нема да има можност да направи политичко движење без да лаже толку многу луѓе. Луѓето видоа како неговите зборови се претворија во лага. Тој едноставно заостана“, рече Петков.

Тој му порача на поранешниот бугарски премиер Борисов дека ќе го стигнат гревовите од минатото.

„Ако денес се чувствувате поудобно поради падот на владата, тоа е привремено. Ниту една од страните не е подготвена да преговара со вас, вие не сте никаков фактор“, му рече тој на поранешниот премиер Борисов.

Слични содржини