Амбасадата на Бугарија во Скопје добила пријава од лице со македонско и бугарско државјанство кое тврди дека полицициски службеници од СВР Скопје ги прекршиле неговите права при апсење, велат од бугарското Министерство за надворешни работи во изјава за бугарскиот портал „Нова“.
Во текстот се наведува дека случајот го објавила бугарската фондација „Македонија“ на социјалните мрежи. Во објава на организацијата се вели дека Борче Нацевски, кој има двојно – и македонско и бугарско државјанство, се скарал со соседот поради тема „Зошто Борче е Бугарин?“.
-Полицијата пристигнала на лице место и го одвела Нацевски. Мажот бил затворен во ќелија, од која неколку часа подоцна бил пуштен претепан и без обвинение, тврдат од фондацијата „Македонија“.
Од бугарското МНР соопштија дека се во контакт со лицето.
„Амбасадата го следи развојот на случајот, преземајќи ги неопходните чекори за расветлување на околностите околу инцидентот“, додаваат од официјална Софија.