Бугарското МНР испрати официјален став за падот на ветото на Северна Македонија.
Ви го пренесуваме интегрално текстот:
„Четириесет и седмото Народно собрание на Република Бугарија донесе историска одлука да го поддржи отворањето на патот за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија под конкретни параметри. Во овој контекст, Националното собрание очекува Советот на министри да ги одобри Рамката за преговори и заклучоците на Советот формално предложени од актуелното француско претседателство, како и да го потпише Записникот од Втората седница на Мешовитата меѓувладина комисија според чл. 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија, за чии главни параметри е постигнат начелен договор со Скопје.
Одлуката на бугарското народно собрание не би била можна без цврстата посветеност на Франција, како ротирачки претседател на Советот на Европската унија и другите земји-членки на Европската унија, за стабилноста и просперитетот на Унијата и на Западен Балкан. Пристапот предложен од Претседателството има за цел да најде заемно прифатливи решенија кои се во интерес на Европската унија и Западен Балкан, вклучително и во позадина на руската воена агресија во Украина. Клучни за одлуката беа конзистентните напори на бугарските институции низ годините, а особено во последните месеци – заложби кои на прво место го имаат предвид националниот интерес, но и европските вредности и приоритети.
Параметрите на Одлуката на бугарскиот парламент се засноваат на предлогот на француското претседателство и не поставуваат услови надвор од оние за кои веќе се разговараше во дискусиите во Европската унија и во текот на билатералните преговори со Република Северна Македонија.
Оваа одлука ја одразува широката поддршка на партиите застапени во парламентот во Народното собрание на Република Бугарија за европската иднина на сите шест земји од Западен Балкан.
Подготвени сме да пристапиме кон потпишување на Протоколот согласно член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија. На ред се одговорните фактори во нашата соседна земја да ја покажат, не со зборови, туку со дела, својата посветеност и желба за сопствената, и за онаа на регионот, европска иднина. Брзината со која Република Северна Македонија ќе пристапи кон членство во Европската Унија зависи од тоа и нема да се одложи доколку земјата ги исполни обврските кон европските вредности и добрососедските односи“.