Бугарско МНР: Скопје ја одби поканата за средба на министрите Муцунски и Кондов

од Nikola Popovski
217 прегледи

Скопје ја одби поканата за средба на министрите за надворешни работи на Бугарија и на Република Северна Македонија. Ова го соопштило Министерството за надворешни работи на Бугарија, пренесуваат бугарските медиуми.

„Водени од желбата за добрососедски односи и останувајќи доследна на својата политика за одржување отворен дијалог со партнерите од Република Северна Македонија, бугарската страна упати покана до министрите кои ја придружуваа претседателката, г-ѓа Силјановска-Давкова, за средби со нивните колеги“, посочуваат од тамошното МНР.

Сепак, се пренесува дека поканата од шефот на бугарската дипломатија Иван Кондов до министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски била одбиена.

Како што истакнуваат бугарските медиуми, нивниот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков на средбата во македонското МНР, каде што беше повикан вчера, објаснил дека за време на посетите како оваа минатиот петок на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, „протоколарната практика не предвидува изведба на химни, поставување други државни знамиња, како и други протоколарни атрибути“, со оглед дека ова не била „средба од државен, официјален или работен карактер“. Оттаму додаваат дека „посетата беше по повод културен настан – гостување на Националната опера и балет на Република Северна Македонија во Софија“.

По тој повод, амбасадорот го одбил демаршот. Поради тоа, од нашето МНР најавија дека ќе му биде испратен по дипломатски пат.

Слични содржини