Бугарско МНР: Загрижени сме поради отстапувањата на Скопје од францускиот предлог од 2022 година

„Прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Република Северна Македонија е внатрешно прашање на соседната земја и не е тема на билатералните односи“, велат од бугарското МНР

од Nikola Popovski
42 прегледи Фото: Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Bulgaria

„Република Бугарија со загриженост ги забележува најновите тези на властите во Скопјe, кои остро отстапуваат од суштината на Европскиот консензус од 2022 година“, објави синоќа бугарското Министерство за надворешни работи на својата веб-страница.

Оттаму наведуваат дека „прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Република Северна Македонија е внатрешно прашање на соседната земја и не е тема на билатералните односи“.

-Документот ќе го спроведуваат нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е дека треба да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопјe да им го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко да се објасни, особено ако Планот е планиран вистински да се спроведе, велат од бугарското МНР.

Од Софија потсетуваат дека Планот за правата на заедниците е чекор наменет да следи по влегувањето на Бугарите во македонскиот Устав, кој сè уште е во тек и кој ќе им овозможи на, како што велат, нашите соседи да отворат преговори за пристапување.

Додаваат дека ги поздравуваат зборовите на премиерот Мицкоски дека „ќе ги прифати сите други коментари“ на бугарската заедница во Планот и сметаат на него дека ќе го одржи ова дадено ветување.

Мицкоски вчера изјави дека главната забелешка на Бугарија за Акцискиот план за малцинствата бил македонскиот јазик. Освен Бугарија, ниту една друга држава членка на ЕУ, немала забелешки за овој документ. Според Мицкоски, ова уште еднаш покажува дека проблемите со Бугарија се многу подлабоки и дека немаат врска со исполнувањето на Копенхагенските критериуми за членство во ЕУ. Тој исто така посочи дека во моментов нема контакти на релација Скопје – Софија, ниту на билатерално ниво, ниту со посредство на Брисел, за што ја обвини бугарската страна, која одбила иницијативи за неколку средби, предложени од Брисел, Париз и Берлин, како и дека македонската Влада „стои на располагање“ за вакви средби.

Во 2022 година беше усвоен таканаречениот „француски предлог“, со кој се обврзува Македонија да ги вклучи Бугарите во својот Устав како државотворен народ, што е еден од главните услови за продолжување на европската интеграција, што сè уште не е спроведен.