Амбасадорката на Република Северна Македонија во Бугарија Агнеса Руси Поповска ќе биде повикана во Министерството за надворешни работи на Бугарија и ќе ѝ биде врачена протестна нота во врска со тешкото кривично дело извршено над државјанин на Република Северна Македонија со бугарски идентитет и секретар на клубот „Цар Борис III“ во Охрид. Ова денеска било најавено од бугарското МНР, пренесуваат тамошните медиуми.
Се додава дека министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков веќе остварил телефонски разговор со својот колега Бујар Османи, од кого добил уверување за потребната помош од локалните власти.
-Привремениот раководител на Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола и екипа од бугарската амбасада во Скопје се во контакт со повредениот државјанин и се испратени во Охрид.
Бугарската држава со месеци упорно го потенцираше своето очекување властите во Северна Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите во земјата. Бугарската страна сè уште нема добиено официјални информации за истрагата и спроведувањето на правдата во врска со неодамнешните напади, вклучително и пукање со огнено оружје, врз организацијата Цар Борис III од крајот на 2022 година. За жал, нападот на 19 јануари 2023 година е индикативен пример за тешките последици од системското отсуство на адекватна реакција и посветеност од страна на Северна Македонија, вклучително и неможноста да ја исполни својата основна заложба – да ја гарантира безбедноста на сопствените граѓани, се вели во ставот на бугарското МНР.
Бугарија очекува надлежните органи во Северна Македонија да преземат итни активности за откривање, изведување пред лицето на правдата и казнување на сторителите на кривичното дело, имајќи ја предвид сериозноста на делото, додаваат од бугарската дипломатија.