Бугарското МНР: Дозволата за прелет на Лавров е привремена

од Nikola Popovski
460 прегледи

По барање на Република Северна Македонија, беше одобрена дозвола авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да прелета низ бугарскиот воздушен простор, соопштило доцна синоќа Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.

Во соопштението од тамошното МНР се вели дека врз основа на барање добиено од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, во својство на претседавач на ОБСЕ за 2023 година и организатор на 30. состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје на 29 ноември – 1 декември 2023 година, за да обезбеди дозвола за прелетување на делегациите за учество на претстојниот Совет на министри на ОБСЕ, Министерството за надворешни работи на Република Бугарија даде дозвола за прелет на Специјалната авијацииска единица „Русија“ преку воздушниот простор на Република Бугарија да изврши лет за транспорт на делегација за учество на меѓународниот форум.

-Дозволата за дипломатски прелет е од привремен карактер и важи 3 часа пред и 72 часа по наведениот датум и време на прелетување, прецизираат од бугарското МНР.

Бугарските медиуми истакнуваат дека дадената дозвола е дадена за учество на состанокот на Советот на министри на ОБСЕ во Скопје и спаѓа во исклучоците од примената на режимот на санкции на ЕУ против Лавров.

-Дадената дозвола не се однесува на членовите на неговата делегација, кои се и санкционирани лица, според важечкиот закон на ЕУ, што е изречно наведено во одговорната нота на бугарската страна, се нагласува во соопштението на тамошното МНР.

Слични содржини