Министерството за надворешни работи на Бугарија остро го осудува оштетувањето на културниот клуб „Цар Борис Трети” во Охрид извршено ноќта меѓу 20 и 21 ноември 2022 година.
-Таквите постапки намерно ги попречуваат напорите за воспоставување пријателство, добрососедство и соработка како водечки принципи во односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија (РСМ), соопштија од МНР на Бугарија.
Според нив, имињата на бугарските клубови не се причина за таа кампања и потенцираат дека „лидерот на најголемата опозициска партија во Скопје веќе отворено повикува на итно затворање на бугарските клубови само затоа што се бугарски, без разлика како се нарекуваат”.
-Убедени сме дека Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија ќе има навремена и соодветна реакција на она што се случи, се наведува во ставот.
Реакцијата на властите на овој и на другите случаи на криминал од омраза ќе биде показател за сериозноста што Владата во Скопје ја придава на градењето добрососедски односи и на процесот на пристапување во ЕУ, соопштија од МНР на Бугарија.