Министерството за надворешни работи на Република Бугарија (МНР) изрази длабоко разочарување од, како што велат, континуираниот неконструктивен пристап на Mакедонија и недостатокот на отвореност во комуникацијата со јавноста во спроведувањето на обврските преземени согласно Европскиот консензус од 2022 година.
Оттаму потсетуваат дека македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски,повторно зборуваше за „иницијатива на поголеми и повлијателни земји-членки на ЕУ“ за организирање состанок меѓу него и бугарскиот колега Георг Георгиев.
„Ова не е прв пат Македонија официјално да дава вакви нејасни и манипулативни изјави“, наведуваат од бугарското МНР.
„Европскиот консензус од 2022 година беше едногласно усвоен од сите земји-членки на ЕУ, како и од самата Република Северна Македонија. Во оваа смисла, уште еднаш го привлекуваме вниманието на фактот дека дијалогот е институционален меѓу земјата кандидат и ЕУ. Спроведувањето на сите мерки наведени во консензусот зависи исклучиво од Македонија, со цел унапредување на процесот на европска интеграција“, додаваат од официјална Софија.
Од почетокот на мандатот на сегашната влада во Македонија, порачуваат од бугарското МНР, секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања.
„За жал, министерот Тимчо Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса во водење на таков отворен дијалог. Најнов пример за ова е одбиената покана за негова посета на Софија на 25 ноември 2025 година за одбележување на делото на Свети Климент Охридски – значајна историска личност од заедничката историја на двете земји, се вели во ставот.
Во врска со предлозите и оценките дадени од министерот Муцунски за пристапот на Бугарија кон презентираниот нацрт-план за правата на заедниците, ве потсетуваме дека тој беше отфрлен од бугарската заедница во Северна Македонија како неприфатлив поради отсуството во него на фундаментални принципи за гарантирање на заштитата на човековите права. Очекуваме да бидат слушнати легитимните барања на нашите сонародници во Северна Македонија“, стои во ставот на бугарското МНР.
Во декември минатата година имаше „сериозни иницијативи од неколку земји-членки на ЕУ, поголемите и повлијателните, заедно со раководството на ЕУ за организирање состанок“ меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и неговиот бугарски колега, Георг Георгиев, но немаше позитивен одговор од бугарска страна, изјави Муцунски во „Тема на денот“.