Бугарското МНР: Со загриженост ги следиме случувањата во Македонија поврзани со правото на здружување на Бугарите

од Nikola Popovski
223 прегледи

Бугарското министерство за надворешни работи „со загриженост ги следи случувањата во Македонија поврзани со правото на здружување на Бугарите во земјата и особено последните случувања околу името на здружението на граѓани „Иван Михаилов“ од Битола“. Вака стои во соопштението од бугарската дипломатија, објавија тамошните медиуми.

-Одлуките што се подготвуваат имаат значајна врска со демократските процеси во нашата соседна земја. Како што е познато, токму со цел објективно толкување на историските настани од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија, двете влади формираа Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, додаваат од бугарското МНР.

-Системските блокади на нејзината работа досега не дозволија општа оценка за улогата на историските личности од тој период. Затоа, се надеваме дека надлежните институции во Република Северна Македонија нема да користат еднострани и тенденциозни толкувања на историски настани и личности како основа за ограничување на основните права, вклучително и правото на здружување, се вели во ставот на бугарското МНР, пренесува „БТА“.

Ова следува откако вчера министерот за правда, Кренар Лога го потпиша решението со кое барањето за добивање на одобрение за користење на името „Иван Михајлов” во називот на употреба на Здружението Културен Центар „Иван Михајлов-Битола“ се одбива како неосновано.

Во образложението за негативното мислење беше наведено дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска  со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ.

Исто така, Централниот регистар го одби барањето на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид за усогласување со Законот за здруженија и фондации.

-Централниот регистар во текот на денешниот ден донесе Решение со кое барањето за усогласување од страна на Здружението Цар Борис III од Охрид го одби, од причина што од страна на Здружението Цар Борис III од Охрид до Централниот регистар во законски предвидениот рок од 30 дена не се доставени бараните документи дадени во известувањето во согласност со Законот за здруженија и фондации, се наведува во соопштението на Централниот регистар.

Слични содржини