Бугарското МНР за Ковачевски: Секоја аналогија со страдањата на украинскиот народ во војната на Русија е цинична и недозволива

од Vladimir Zorba
305 прегледи

Во врска со изјавата на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски пред Советот на Европа, бугарското МНР нагласува дека е неприфатливо да се користи грижата за основните права на одредена заедница како изговор за неосновани напади врз членка на Европската унија.

„Изјавата на премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш јасно го покажува вистинскиот однос на Скопје кон основните вредности на ЕУ и отфрлањето на правото да реагира на постоечките недостатоци“, посочуваат од бугарското МНР.

Секоја аналогија со страдањата на украинскиот народ во сегашната неоправдана војна на Русија е цинична и недозволива, посочуваат од МНР.

„Особено загрижувачка во изјавата на Ковачевски е импликацијата дека доколку Северна Македонија не го продолжи патот на преговорите за влез во Европската Унија, тоа ќе има негативно влијание врз Албанија. За разлика од Северна Македонија, Албанија целосно ги отвори пристапните преговори и брзината со која ќе напредува зависи исклучиво од нејзиниот напредок во реформскиот процес“, порачаа од источниот сосед.

Министерството за надворешни работи ги повика властите во Скопје да покажат политичка храброст и да започнат со исполнување на обврските што ги презедоа пред сите земји-членки на ЕУ за завршување на фазата на отворање на пристапните преговори.

„Одговорноста за европската иднина на Северна Македонија е во нејзини раце“, се наведува уште во ставот.

Слични содржини