Бугарското МНР за „Никола Вапцаров“: Како ваков настан се промовира и поддржува од двете најголеми опозициски партии во Скопје

од Nikola Popovski
181 прегледи

Министерството нема практика да коментира дејствија на бугарски државјани на бугарска територија, а кои се од строго приватен карактер. Ова го изјавил заменик министерот за надворешни работи и портпарол на Министерството за надворешни работи на Бугарија (МНР) Костадин Коџабашев на брифинг околу отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.

Во оваа прилика, вчера градоначалникот на општина Благоевград Илко Стојанов соопштил дека нема искажана намера во општина Благоевград според сегашната законска регулатива да бара изградба на нов или пренамена на постоечки објект за македонскиот културен клуб.

Тој информира и дека ниту забранил ниту дозволил одржување на каква било приватна иницијатива поврзана со „Никола Вапцаров“. Тамошната општина добила само покана упатена до градоначалникот да присуствува на приватен настан, на кој тој нема да присуствува.

Коџабашев објасни дека се работи за физичко лице, кое во медиумите се претставува како непостоечка јавна организација, кое има закупено простории од друго приватно лице и наведува дека ќе се формира приватен клуб по име на бугарски поет.

Според зборовите на заменик-министерот, „единствен интерес на бугарското МНР е како еден ваков настан се промовира, поттикнува и поддржува од двете најголеми опозициски партии во Скопје“.

-Не е тајна дека овие две партии исповедаат антиевропски убедувања, водат политика против европската интеграција на Република Северна Македонија, рече Коџабашев.

Тој порачал дека нивните постапки треба да се гледаат и во поширок контекст на интересите на трети земји насочени против Европската унија (ЕУ) и нејзиното проширување.

-Очигледен е обидот вештачки да се предизвика тензија со посетата на овие две партии на Благоевград и нивните постапки. Очигледно се работи за оттргнување на вниманието на јавноста од праведната борба на Бугарите во Република Северна Македонија за граѓански права. Очигледно е чии интереси служи овој смислен план, коментира заменик министерот Коџабашев, објавија бугарските медиуми.

Заменик-министерот Коџабашев додал дека секоја несоодветна реакција во оваа прилика би била спротивна на политиката и интересите на Бугарија и не може да биде претставена како претставник на бугарските институции или на пошироката јавност. Тој ја повика јавноста да пристапи смирено.

На отворањето на клубот во недела, присуство најавија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и делегација на Левица.

Слични содржини