Софиското окружно обвинителство покрена предистражна постапка за смртна закана упатена кон претепаниот Христијан Пендиков во Охрид, истакнала денеска портпаролката на главниот софиски обвинител Сијка Милева, објавија бугарските медиуми.
Пендиков поднел пријава до надлежните во бугарското Министерство за внатрешни работи за тоа дека преку социјалните мрежи му била испратена заканувачка порака на македонски јазик.
Во неа се наведува и дека на Интернет се објавуваат фотографии од него со повици за насилство.
Надлежниот обвинител побарал од бугарското МВР да изврши увид во пријавата на Пендиков.
„Обвинителството на Република Бугарија ја претвори во своја кауза борбата против прекршоците од омраза, со кои се соочува и целата европска заедница“, коментирала портпаролката на јавниот обвинител.