Бугарското ВМРО обвинува дека нападот врз Перев е уште еден случај во „Црвената книга на македонските Бугари“ и бара Софија да го заостри тонот

„Уште колку Бугари во Македонија мора да бидат претепани за бугарската влада да разбере дека мора директно да го постави прашањето за нивните права пред нашиот југозападен сосед и европските институции“, стои во ставот на ВМРО-БНД

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: БГНЕС

Бугарската партија ВМРО-БНД го осуди нападот на македонскиот Бугарин и екс-новинар Владимир Перев во Скопјe. Според партијата, Перев е уште еден случај што ќе биде евидентиран во „Црвената книга на македонските Бугари“.

„Таа веќе содржи стотици имиња на луѓе и цели здруженија кои биле тепани, судени, запалени, пукани, отпуштени и понижени во Република Северна Македонија, само затоа што не го кријат своето бугарско потекло и се дефинираат како Бугари. Лидерот на ВМРО Красимир Каракачанов се потсетува на некои од имињата на македонските Бугари кои станале предмет на агресија во Македонија“, велат од партијата, при што се споменуваат имињата на извесни Димитар Цорномаров, Спаска Митрова, Драган Попов, Мирослав Ризински, како и случајот со Христијан Пендиков.

„И во овој случај, како и во сите други, скопските власти ќе спроведат формална истрага и нема да преземат ништо за да ги откријат сторителите. Ова е нивна намерна политика и всадување говор на омраза кон Бугарија и Бугарите. Затоа, ВМРО категорично инсистира Бугарија да го заостри тонот кон РСМ и внимателно да го следи случајот до крај – додека не се пронајде сторителот и не се изрече праведна казна“, посочуваат од партијата на Каракачанов.

Според партијата со контроверзни ставови и често навредлива реторика кон Македонија, со ваквите постапки се отвора уште една страница од „Црвената книга на македонските Бугари“.

„Уште колку Бугари во РС Македонија мора да бидат претепани за бугарската влада да разбере дека мора директно да го постави прашањето за правата на македонските Бугари пред нашиот југозападен сосед и европските институции? Случајот од Скопја со нападнатиот новинар Владимир Перев уште еднаш го покажува неуспехот на бугарската надворешна политика во однос на заштитата на правата на нашите сонародници. Перев никогаш не криел дека е Бугарин и агресијата против него е резултат на беззабата и непринципиелната позиција на официјална Бугарија. Ова е доказ дека сегашната бугарска влада не брза да преземе решителни чекори за да ѝ покаже на Европа дека Бугарите се тепани и прогонувани во Северна Македонија – земја која не ги почитува основните човекови права не може да бара членство во ЕУ“, стои во партиското соопштение.