Бугарската партија ВМРО-БНД, со педесетина поддржувачи, вчера организирала протест пред зградата на Европската комисија во Софија, со цел, како што велат, одбрана на Бугарите во Република Македонија. Протестот на бугарското ВМРО бил под слоганот „Ни еден повеќе!“ и се втори по нападот врз екс-новинарот и член на бугарската заедница во Македонија, Владимир Перев. Партијата инсистира бугарските институции да ги заштитат правата на Бугарите.
На протестот бил присутен и охриѓанецот, тогашниот секретар на здружението „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков. Тој изјава за бугарскиот медиуми вели дека сè уште се плаши кога го посетува своето семејство во Македонија.
„Целосно го поддржувам Владо Перев и она за што се бори, бидејќи и јас поминав низ истото и бев претепан само затоа што се нарекувам Бугарин. Кога се враќам во Македонија, вперуваат прст во мене. Не сме добро прифатени во нашите родни места и не можеме да се вратиме затоа што нè сметаат за нешто различно и непријатели на оваа земја, што ние не сме“, рекол Пендиков.
Неговата фотографија била меѓу оние на повредените Бугари, поставени од ВМРО-БНД, во знак на протест пред седиштето на Европската комисија во Софија.
На протестот се обратиле и претседателот на партијата, Красимир Каракачанов и поранешниот европратеник Ангел Џамбаски.
„Во Република Северна Македонија се кршат сите документи на ЕУ. ЕП често дискутира за правата на некој што бил нападнат во Тамбукту, а кога претепале Бугарин – молк. Еве сега немаше ништо. Овој напад беше масовно покриен од вашите колеги во Македонија и веќе наредниот ден настана молк“, рекол Џамбаски, пренесува „БНТ“.
Пред неколку дена, крајнодесничарската партија ВМРО-БНД исто така одржа митинг во поддршка на Перев, но пред зградата на бугарскиот Парламент.