Бухова: Предлог-заклучоците на Анкетната комисија се одраз на политички реваншизам

од Nikola Popovski
200 прегледи

Поранешната директорка на Државен санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова најостро реагира на предлог заклучоците за нејзина политичка одговорност на собраниската Анкетна комисија за случајот со Онкологија. Вели дека ДЗСИ нема никаква законска надлежност во делот на препишување на терапија, распоредување на терапија и контрола над начинот на кој се аплицира терапијата. Како што истакнува, во прилог на ова говорат и законските надлежности на инспекторите од ДЗСИ, од каде е јасно дека инспекторатот не е органот кој е надлежен за преземање на активности и проверки во конкретниот случај.

Според неа, предлог-заклучоците се неиздржани и се одраз на политички реваншизам.

-Како здравствен работник јас ја подржувам работата како на анкетната комисија така и на секој орган кој би придонел до расчистување на сите околности за овој случај, но не можам да останам нема на злоупотребата на овој процес за нелегитимно собирање политички поени и неоснована политичка дискредитација, стои во пишаниот допис на Бухова.

Во текот на вчерашниот ден имаше несогласувања меѓу членовите на Анкетната комисија околу заклучоците за утврдување на политичка одговорност.

Претседателката на Комисијата Рашела Мизрахи соопшти дека политичка одговорност е утврдена кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, тогашните медицински и економски директори на Онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, тогашната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Букова, како и тогашните директори на ФЗО Стево Кртсевски и Фатон Ахмети заради прекршување на уставните начела, непостапување согласно надлежностите пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување на позитивни прописи од подзаконските акти со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи.

Пратениците од СДСМ не се согласија со овие заклучоци кои, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Побараа оставка од претседателката на Комисијата.

Тие доставија свои заклучоци со кои бараат од ОЈО под итно да ги расчисти сомнежите за злоупотреба на терапија на Клиниката за онкологија, како и потенцијалното негативно влијание врз здравјето и животот на пациентите.

Одлуката за формирање на Анкетната комисија беше донесена на 20 септември по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа Клиника. Јавното обвинителство отвори и предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и протести.

Мандатот на оваа Анкетна комисија, како што информираше Мизрахи, треба да заврши на 3 декември.

Слични содржини