Романското министерство за одбрана соопшти дека нивните радари денеска откриле руски проектили, но дека тие во „ниту еден момент“ не влегле во воздушниот простор на Романија.
„Денеска, системот за контрола на воздухот откри воздушен објект кој беше лансиран од Црното Море, од руски брод во близина на полуостровот Крим. Најверојатно се работи за крстаречка ракета, која навлегла во воздушниот простор на Украина, Молдавија, а потоа се вратила во Украина, без ниту една секунда помината на романска територија“, соопшти романското министерство за одбрана, пренесе Тасс.
Ракетата летала блиску до Романија, а најкраткото растојание меѓу проектилот и државната граница на оваа земја било во еден момент 35 километри, се додава во соопштението, пренесува „Ројтерс“.
Министерството за одбрана на Молдавија потврди дека ракетата утринава влегла во воздушниот простор на земјата, без да наведе дали станува збор за руска ракета која, според украинските власти, „прелетала над романска и молдавска територија“.
Началникот на украинскиот Генералштаб Валериј Залужњи утринава изјави дека две руски ракети денеска полетале во воздушниот простор на Романија и Молдавија, пред да полетаат кон Украина.